Операција „Епски бес” – еден ден кој го промени Блискиот Исток

САД и Израел го нападнаа Иран во сабота наутро. Техеран возврати со ракети кон седум земји. Над 200 мртви, 700 повредени. Ова е сè што се случи на 28 февруари 2026.

Во сабота наутро, американско-израелски ракети почнаа да паѓаат врз Техеран. Цел: воената и нуклеарна инфраструктура на режимот кој со децении финансира терористички групи и гради ракети насочени кон Израел и Западот. Почна операцијата „Епски бес” = и светот повеќе не е ист.

Американски крстосувачки ракети „Томахавк” и околу 200 израелски борбени авиони, во најголемата воздушна операција во историјата на Израел – ги погодија воените, нуклеарните и командните инфраструктури на Иран. Цели: IRGC, канцелариите на Хамнеи, производство на ракети, противвоздушна одбрана.

Погодени се Техеран, Табриз, Исфахан, Ком, Керманшах, Карај, Бушер и провинцијата Лорестан. Израел објави дека биле гаѓани речиси 500 цели.

Меѓу убиените се министерот за одбрана на Иран Амир Насирзаде и командантот на Револуционерната гарда Мухамед Пакпур, потврдија за Reuters три независни извори.

Иранскиот одговор

Иран возврати со ракети и дронови кон седум земји: Бахреин, Катар, Кувајт, ОАЕ, Јордан, Саудиска Арабија и Израел. IRGC ги потврди нападите врз американските бази Ал Удеид, Ал Салем, Ал Дафра и седиштето на Петтата флота во Бахреин.

Во Дубаи гореше луксузниот хотел Фермонт на Палм Џумеира. Во Бахреин дрон погоди небодер. Аеродромот во Дубаи, најпрометниот во светот, ги суспендираше сите летови.

Иранскиот Црвен полумесец пријави над 200 мртви и 747 повредени низ 24 провинции. Меѓу жртвите се и 85 лица загинати во напад врз основно женско училиште во Минаб — бројка која сè уште не е независно верификувана.

Хамнеи веројатно е жив, но каде е?

Врховниот ајатолах Хамнеи бил евакуиран пред нападот. Министерот за надворешни работи Арагчи за NBC изјави дека е жив „колку што знае” — изјава која сама по себе стана вест. Подоцна МНР соопшти дека се живи и здрави и претседателот и врховниот водач.

IRGC потврди: „Можеби изгубивме еден или двајца команданти, но тоа не е голем проблем.”

Меѓународните реакции

Русија го осуди нападот. Кина повика на итен прекин на огнот. Ердоган рече дека нападите ја кршат суверената на Иран, но и дека иранските напади врз соседите се „неприфатливи”. Макрон потврди дека Франција не учествувала и не била однапред известена. Генералниот секретар на ОН Гутереш ги осуди и двете страни.

ЕУ претседателката Урсула фон дер Лајен нападот го нарече „многу загрижувачки”. Лидерите на Велика Британија, Германија и Франција во заедничка изјава ги осудија иранските контранапади. Британскиот премиер Стармер потврди дека британски авиони летале во одбранбени операции.

Советот за безбедност на ОН одржа итна седница.

Хормускиот теснец

IRGC испраќа пораки до бродови да не поминуваат низ Хормускиот теснец – клучниот нафтен пат преку кој поминува 20% од светскиот увоз на нафта. Осигурувањето за бродови нагло расте.

Цивилната авијација се пренасочува

Над 1.100 летови се преусмерени. Луфтханза, Ерјафранс, KLM, Туркиш ерлајнс, Визер и десетина други компании ги откажаа летовите кон Залив, Израел, Ирак и Јордан. Откажани и летовите Скопје/Белград-Дубаи и Белград-Доха.

Што ќе донесе утрото?

Операцијата се очекува да трае уште неколку дена. Израел најави нов бран напади кон ракетни лансери во централен Иран. Иран предупреди дека ќе употреби „досега невидено оружје”. IRGC ги прогласи сите американски бази во регионот за „легитимни цели”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни