Калифорниската компанија за развој на вештачка интелигенција Open AI, во рамките на својата алатка ChatGPT, ја лансираше можноста за сложено, длабинско истражување (Deep Research)
Станува збор за повеќестепено пребарување на Интернет за сложени задачи. Новиот агент за вештачка интелигенција за неколку десетици минути, може да извршува задачи кои на луѓето би им одзеле многу часови, се вели во соопштението на компанијата. Функцијата, според компанијата, е наменета за луѓе кои интензивно работат на полето на финансиите, науката, политиката и инженерството и имаат потреба од темелно, точно и доверливо истражување, пренесува Tech Crunch.
Дополнително, може да биде корисно за секој што купува нешто, а потребно е внимателно истражување, како што се купување автомобили, апарати и мебел.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/1000045493-1024x682.jpg)
Споменатата функција сега е достапна за корисниците на претплатата на програмата ChatGPT Pro и тие засега ќе можат да испраќаат најмногу 100 барања месечно. Продлабоченото истражување е достапно денес на веб-страницата ChatGPT и ќе се појави на мобилни и десктоп апликации во рок од еден месец. Наскоро ќе можат да го користат и оние кои се на програмите Plus и Team, додаваат од компанијата.
„Способноста да се синтетизира знаењето е предуслов за создавање на ново знаење. Затоа, длабинското истражување означува значаен чекор кон нашата поширока цел за развој на општа вештачка интелигенција (AGI) и може да помогне во научните истражувања“, се вели на веб-страницата Open AI.