Компанијата OpenAI го претстави GPT-5.2, опишувајќи го новиот систем како свој најнапреден модел на вештачка интелигенција досега и позиционирајќи го како најсилна алатка за секојдневна професионална употреба.
Според компанијата, GPT-5.2 нуди значително подобрени перформанси во изработка на табели и презентации, толкување слики, пишување софтвер и управување со долги и комплексни задачи. Моделот веднаш се додава во ChatGPT и во API-то на OpenAI за програмери.
Трка со конкуренцијата
Претставувањето доаѓа само неколку недели по издавањето на GPT-5.1, во момент кога OpenAI се соочува со силна конкуренција од други големи компании за развој на AI, меѓу кои Anthropic и Google. Нивните најнови надградби го поттикнале OpenAI да ги пренасочи внатрешните ресурси кон унапредување на ChatGPT — потег што раководството го опишало како приоритет со „црвен аларм“.
Фиџи Симо, извршна директорка за апликации во OpenAI, изјави дека овој внатрешен приоритет имал цел да ја насочи фокусот на компанијата кон една јасна задача. „Тоа беше начин да се појасни што е најважно, а што може да почека“, рече таа, додавајќи дека времето на објавувањето на моделот не било условено од таа промена.
Извршниот директор Сем Алтман во одвоен интервју изјави дека издавањето на Google-овиот модел Gemini 3 имало помал ефект врз корисничките метрики отколку што првично се стравувало. Тој очекува дека периодот на „црвен аларм“ ќе заврши до јануари.
Три варијанти и врвни перформанси
GPT-5.2 ќе биде понуден во три верзии:
- Instant – за брзи одговори и едноставни задачи,
- Thinking – за сложени, структурирани работи како кодирање и планирање,
- Pro – за сценарија кои бараат највисока прецизност.
OpenAI објави дека GPT-5.2 води во неколку клучни тестови, вклучувајќи SWE-Bench Pro (за автономно кодирање) и GPQA Diamond (за напредно научно расудување). Во сопствената GDPval евалуација, компанијата навела дека моделот бил еднаков или подобар од водечки индустриски експерти во повеќе од 70% од добро дефинираните задачи.
Долготраен развој и пазарна позиција
„Овие надградби се развиваа со месеци“, рече Симо, нагласувајќи дека брзината на издавање може да изгледа висока, но интеграцијата зад GPT-5.2 била долготраен проект.
Новиот Opus 4.5 од компанијата Anthropic го надминува GPT-5.2 на тестот SWE-Bench Verified, но од OpenAI наведуваат дека овој тест е потесно дефиниран и помалку репрезентативен за реална употреба од SWE-Bench Pro.
OpenAI, основан пред десет години како истражувачка лабораторија, по лансирањето на ChatGPT во 2022 година прерасна во еден од најкористените AI-развивачи во светот. Компанијата наведува дека повеќе од 800 милиони луѓе неделно го користат нивниот chatbot.
