Search
Уметноста на преведувањето: премостување јазици и култури

Опејување на преведувачите: Неопеаните писатели кои создаваат приказни низ јазиците

Широка е понудата на преведувачи и следствено на тоа огромен број книжевни преводи кои читателите можат  да ги читаат.  Но, често пати дискутабилен е квалитетот на преводите. Кој е тој што може да даде дефиниција што значи квалитетен превод и дали се основани критиките за преведуваните книжевни дела објаснуваат Мери Кицовска, преведувачка од исландски и Дарко Спасов, преведувач од словенечки.

Преведувачите и книжевните преводи се често пати мета на напади на читатели кои можеби некогаш и неосновано го прават тоа. Се критикува се и секој си дозволува да критикува нечија работа, без разлика дали има доволно познавање во областа или не. Се разбира, тие критики понекогаш знаат и да бидат конструктивни ако се работи за читатели со книжевно миље и го знаат јазикот на пишување на авторот од кој се преведува.

За жал, често пати, критиките не се на место и се резултат на недоволно познавање на македонскиот јазик пред се, а и на авторот.

„И да се најдобри преводите, секогаш ќе има критики, па и негативни“, ова своевремено го изјави Драги Михајловски во врска со преведуваччката работа и преводите. И воопшто не погрешил.

Превод направен од оној кој ги има читано делата на авторот и кој има подлабоки познавања од одредената литература,  е гаранција дека македонскиот превод ќе биде со висок квалитет.

Дарко Спасов

„Прво, делото мора да ти биде поубаво, да те зарази, да го сонуваш на македонски јазик, да го исчиташ, убаво, длабочински, да видиш дали ќе ти легне на срце, па потоа да ги побараш сите скриени значења, сите стапици, да се преслушаш дали си кадарен да се зафатиш со пренесување на мајчиниот, македонски јазик, па дали си го познаваш мајчиниот јазик до таа мера за да го пренесеш светот од изворникот на македонската читателска публика. Е, доколку ракавите сами се засукуваат при читање на едно книжевно дело, потоа доаѓа дисциплината, ритамот на преведување, преводот нема сам да се заврши, треба да се загрее столчето“, изјави Дарко Спасов, преведувач од словенечки, на прашањето што е пресудно за добар превод.

А Мери Кицовска, преведувачка од исландски, вели дека преведувачот првенствено треба да е читател. Да чита литература на јазикот од кој преведува на македонски и да има живеено или да живее во средината од каде потекнува јазикот од кој преведува.

Мери Кицовска

„Едното и другото се надполнуваат, како во вокабуларот така и во разбирањето на поднебјето, културата, динамиката и стилот на живеење на писателот и неговиот наслов кој преведувачот го преведува. За да се добие добар превод, потребно е и истражување. Кој е писателот, каков живот живее/л, кои се неговите референтни точки, од каде ја црпи инспирацијата, што се има напишано, па дури и да се прочита и некое друго негово дело, покај она зададеното како задача за превод, повторно со истата цел. Така преведувачот добива појасна целовита слика и полесно и чинковито ја преточува приказната од еден на друг јазик. Можеби некои од моите колеги нема да се согласат. Ова е само моја интересна точка на гледање на работите од која јас функционирам и преведувам, истовремено преставувајќи ми чест, задоволство и забава“, потенцираше Мери.

Во однос на прашањето дали дали  преведувањето од исландски се исплатува со оглед на тоа дека нема многу преведувачи од исландски кај нас, таа вели: „Па, да. Досега се нема пријавено уште некој кој преведува литература од ислански на македонски. Сѐ уште сум само јас. И тоа ми е исто интересно од причина што, и покрај тоа што сум само јас, во последниве десетина години имам преведено преку десет наслови кои одлично се продадоа. А тоа ме радува, и уште повеќе ме мотивира. Тоа ми е потврда дека сум го направила вистинскиот избор за професија. Уметноста на преведувањето е креација која зближува светови. Зарем не е тоа магично.“

За Дарко Спасов, најважно е да „не си го прави кал занаетот“ и да не го изневери авторот/изворот.„ Нема место за импровизации, си си доверил или ти довериле мошне благородна задача, да пренесеш цел свет, епоха, емоција, страст, и тешко на оној што ќе се занесе во обидите да направи „добар“ превод. Пример за квалитетен превод, според мене е преводот на Огнен Чемерски на Моби Дик, од Херман Мелвил, тоа е совршен пример за убав јазик, за филигрански извезен свет, кој на македонски јазик звучи како максима. Според моето искуство, повеќе ми лежи квалитетно/неквалитетно направен превод наместо добро/лошо“, објаснува тој.

И околу оваа тема се кршат многу копја секојдневно, ама факт е дека едуцирани читатели знаат да препознаат квалитетен превод и за среќа кај нас имаме многу талентирани и посветени преведувачи кои со особено внимание пристапуваат кон нивната работа.

Од друга страна, во областа на литературата, улогата на преведувач често останува во сенка, но нивната работа е доказ за уметноста на јазикот и магијата на раскажувањето. Преведувачите, слично како писателите, тргнуваат на креативно патување кое вклучува не само зборови, туку и деликатната рамнотежа на културата, нијансите и имагинацијата. Преку чинот на преведување, тие сами по себе стануваат раскажувачи, создавајќи наративи кои ги минуваат лингвистичките граници и поврзуваат различни светови.

Преведувачите, без разлика дали работат со романи, поезија или нефикција, имаат задача со длабока одговорност – да ја доловат суштината и убавината на текстот на еден јазик и верно да го пресоздадат на друг. Тоа е процес кој оди подалеку од јазичната компетентност; навлегува во сложеноста на културата, историскиот контекст и самата душа на наративот.

На многу начини, преведувачот е сличен на уметник, користејќи зборови како палета и јазик како платно. Тие прецизно го избираат секој збор, структура на реченица и израз, а сето тоа се трудат да го зачуваат уникатниот глас и тон на оригиналното дело. Предизвикот не лежи само во пренесувањето на значењето, туку и во пресоздавањето на емоциите, хуморот и длабочината што ги замислил авторот.

Чинот на преведување е креативен танц помеѓу два јазика, деликатна кореографија која бара интимно разбирање и на изворната и на целната култура. Вештиот преведувач поседува не само лингвистичка експертиза, туку и длабока емпатија за ликовите и темите на приказната што ја преведуваат.

Книжевниот превод често бара справување со културни нијанси и референци кои можеби не се лесно преведени. За Мери тоа е всушност и предизвикот. „Тоа е она што ме мотивира и инспирира. Изнаоѓање на соодветен термин или фраза која најблиску ќе ја пренесе смислата, а сепак да се остане достоен на оригиналот. Затоа и предходно напоменатите „чекори“ при и по прифаќањето на преведувањето на некое дело. Крајната цел е сепак одличен превод. Превод од кој читателот ќе биде опиен од приказната, ќе ја доживее онака како што писателот ја напишал, а по тој превод ќе бара нов наслов преведен од тој јазик, од тоа поднебје, па дури и од тој преведувач“.

Она што е најзабележително е како, во процесот на преведување, преведувачот често се запознава интимно со текстот, речиси како да се коавтори. Тие се борат со истите дилеми како ликовите, размислуваат за истите филозофски прашања и тргнуваат на истото емотивно патување. Ова потопување е она што им овозможува на преведеното дело да му влеат иста страст и автентичност како оригиналот.

Од клучно значење за добар превод е соработката со тимот. „Разговорите со авторите околу делото што се преведува го облагородуваат опитот, преку нив започнува процес на доверба, односно пријателство. Уредникот е првиот читател, остроумен, не ретко „ситничав“, но секогаш добронамерен. Лекторите, и тие знаат да бидат „немилосрдни“, ама така треба и тоа е добро. На сите им е важно е да имаме убава преводна книжевност. Најмногу на читателите“, вели Дарко.

Понатаму, преведувачите имаат задача да најдат креативни решенија кога одредени зборови или изрази едноставно немаат директен превод во целниот јазик. Во овие моменти, тие стануваат лингвистички алхемичари, создавајќи нови фрази и идиоми кои резонираат исто толку силно како оригиналот.

Во дигиталната ера, технологијата и онлајн ресурсите го променија начинот на кој преведувачите пристапувате кон книжевниот превод. Дарко Спасов првиот превод го има напишано своерачно, ракопис. , „тоа беше 1999 година, минатиот милениум. Одев во библиотеката за славистика, еден речник, втор, речник на зборови, синтагми, хомоними, цел куп книги. Денес сите речници ги имаме на компјутер, тоа мошне ја олеснува работата“, објаснува тој.

Во суштина, преведувачите се неопеаните херои на книжевниот свет. Тие ги премостуваат празнините меѓу културите, овозможувајќи им на приказните да ги надминат границите и дозволувајќи им на читателите од различно јазично потекло да учествуваат во магијата на литературата. Нивната работа е доказ за моќта на зборовите и трајното влијание на раскажувањето, потсетувајќи нè дека убавината на нарацијата не е ограничена со границите на јазикот, туку е навистина универзална.

Најново

Последни колумни