Интернетот станува сè поризична средина за децата, предупреди УНИЦЕФ по повод Меѓународниот ден за безбеден интернет. Организацијата истакнува дека младите корисници се изложени на различни закани, како насилство, вознемирување, сексуална злоупотреба, манипулативни маркетиншки практики, злоупотреба на лични податоци и несоодветни содржини, што може сериозно да влијае врз нивната безбедност и развој.
Според УНИЦЕФ, ризиците повеќе не се ограничени само на социјалните мрежи, туку се прошируваат и на дигиталните платформи што децата ги користат за учење, вклучително и системите базирани на вештачка интелигенција. Технолошкиот развој напредува побрзо отколку што можат да се приспособат законските рамки и механизмите за заштита, што создава дополнителни предизвици за безбедноста на децата.
Анализите на образовните дигитални системи во Европа и Централна Азија покажуваат дека постојните заштитни мерки често не ја следат динамиката на технолошките промени. Во значителен број случаи недостасуваат јавно достапни информации за практиките на заштита на податоците, што ја отежнува процената на начинот на кој се собираат, користат и чуваат податоците за децата и укажува на недоволна транспарентност и одговорност.
Во насока на подобрување на безбедноста на интернет, УНИЦЕФ потсетува на иницијативи кои им помагаат на родителите и наставниците да разговараат со децата за нивните онлајн искуства и да ги поддржат во развивањето на критичко и безбедно користење на дигиталните технологии.
