Мачките имаат специфични нутритивни потреби и за нивното здравје е потребна добро балансирана исхрана. Според организацијата за заштита на мачки Cats Protection, на мачките воопшто не треба да им се дава човечка храна, бидејќи голем дел од намирниците што ги консумираат луѓето можат да бидат штетни или дури опасни за нив.
Експертите посочуваат дека најдобрата исхрана за мачките е комплетна храна наменета токму за нив, бидејќи таа ги содржи сите потребни хранливи материи.
Иако многу сопственици понекогаш им даваат на своите миленици малку храна од сопствената чинија, одредени намирници можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
Млечни производи
Иако многумина веруваат дека млекото е добра посластица за мачките, експертите предупредуваат дека повеќето мачки се нетолерантни на лактоза. Консумирањето млечни производи како сирење или млеко може да предизвика дигестивни проблеми и стомачни тегоби.
Од организацијата Cats Protection советуваат да се избегнуваат и сирења без лактоза или растителни сирења, бидејќи тие можат да содржат состојки кои се токсични за мачките.
Сурово месо, риба и јајца
Суровото месо, риба и јајца можат да содржат опасни бактерии и паразити кои можат сериозно да ја разболат мачката.
Исто така, суровите коски претставуваат ризик од гушење или можат да предизвикаат блокада во дигестивниот систем.
Грозје и суво грозје
Грозјето, сувото грозје и рибизлите се особено опасни, бидејќи можат да доведат до откажување на бубрезите кај мачките. Ризикот е уште поголем кај мачки кои веќе имаат хронични бубрежни заболувања.
Авокадо и кофеин
Авокадото содржи токсин наречен персин и има висока содржина на масти, што може да предизвика здравствени проблеми ако се консумира во поголеми количини.
Особено опасни се и производите кои содржат кофеин, како чоколадо и кафе. Тие содржат супстанции наречени метилксантини, кои можат да бидат исклучително токсични за мачките.
Експертите советуваат храната која може да биде штетна да се чува надвор од дофат на мачките и да не се остава на кујнски површини, бидејќи мирисот или вкусот може лесно да ги привлече.