Предупредување за опасна екстази таблета со висока доза MDMA

HZJZ и словенечката организација DrogArt алармираат за таблета со надпросечна доза на активната супстанција, што претставува сериозен здравствен ризик

Хрватски и словенски организации за јавно здравје и намалување на штети упатија алармантно предупредување за појава на екстази таблети со исклучително висока концентрација на активната супстанција MDMA.

Според информации објавени од Хрватскиот завод за јавно здравје (HZJZ), а доставени од словенечката организација DrogArt, лабораториска анализа спроведена на 16 јануари покажала дека екстаза таблета со ознака Maybach, во виолетова боја, содржи 208 милиграми MDMA – количина што значително ја надминува просечната поединечна доза.

Од DrogArt наведуваат дека станува збор за примерок со зголемена содржина на активната супстанција, што може сериозно да го зголеми ризикот од несакани ефекти и здравствени компликации, особено кај лица кои не се информирани за јачината на супстанцијата што ја консумираат.

Според предупредувањето, ваквите таблети претставуваат висок ризик по здравјето, а можните последици вклучуваат гадење и повраќање, силни главоболки, немир и напади на паника, покачен крвен притисок и прекумерно потење, како и потешки состојби како епилептични напади, моторни нарушувања, опасно зголемување на телесната температура, губење на свест, мозочен едем, па дури и мозочен или срцев удар.

Од организацијата дополнително посочуваат дека дози од 200 милиграми MDMA или повеќе може да се сметаат за најмалку двојна доза, при што ризикот од сериозни компликации драстично се зголемува.

Здравствените институции и организациите за намалување на штети апелираат на зголемена претпазливост, информираност и одговорно однесување, нагласувајќи дека ваквите предупредувања имаат за цел заштита на јавното здравје и превенција од фатални последици, особено меѓу младата популација и посетителите на ноќни настани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни