Послепрвата појава на куга кај мали преживари во Сплитско-далматинската жупанија, нов случај е потврден и во Задарското подрачје.
Во Глогово, Задарска жупанија, на семејно земјоделско стопанство во саботата беа евтаназирани 59 овци, 10 јагниња и шест кози, објави хрватскиот RTL.
„Болеста досега се јави во три случаи во Сплитско-далматинската жупанија, а ова е прв случај во Задарската жупанија“, изјави началникот на Секторот за ветеринарски надзор на Државниот инспекторат, Гордан Јербиќ.
Засега официјално се потврдени четири случаи, но неофицијално RTL дознава дека се појавил и петти, па во понеделник во стопанството во Сплитско-далматинската жупанија ќе бидат евтаназирани уште 11 животни.
Кугата најпрво се појави во населбата Богдановиќи, предизвикувајќи страв во околните села. Според неофицијални информации, „виновникот“ за заразата која се појавила во Далматинската Загора најверојатно е илегално увезен овен за размножување, но мештаните не веруваат дека тој е причината за заразата.
Хрватските власти истакнаа дека сопствениците на евтаназираните животни ќе имаат право на надомест на штета ако ги исполнуваат сите прописи. Иако кугата не се пренесува на големи преживари, сточарите се на опрез.
„Сакам да нагласам дека болеста е заразна само за мали преживари, односно за овци и кози. За останатите животни, па дури и за луѓето, не е заразна“, вели Јербиќ.
Во Хрватска и понатаму се на сила посебни мерки и надзор на заразените подрачја, а од каде дојде заразата во Загора ќе утврди ветеринарската инспекција.
Кугата кај мали преживари (PPR) е високо заразна вирусна болест која ги погодува овците и козите, предизвикувајќи висока температура, воспаление на слузокожата, тешкотии при дишење и дијареа, со потенцијално висока смртност.
Мерките вклучуваат итна изолација, еутаназија на заразените животни, дезинфекција и воспоставување ограничувачки зони, а за превенција е клучна брза реакција и известување на ветеринарната служба за појавата на симптомите.
