Турскиот статистички институт објави дека годишната стапка на инфлација во Турција падна деветти месец по ред на 39,1% во февруари, намалувајќи се од 42,1 отсто во претходниот месец.
Ова беше под пазарните проценки од 39,9%, како и најниската бројка од јуни 2023 година. Процентот од 39,1 е и прв пад на инфлацијата под 40% во последните 20 месеци.
Пониската бројка во февруари првенствено се должи на намалувањето на ценовните притисоци за облеката и здравствената заштита.
Инфлацијата на обувките и облеката, во февруари, од 27,5%, се намали на 20,8%, додека инфлацијата во здравството, од 55% во јануари, се намали на 43% во февруари. Инфлацијата на безалкохолните пијалоци и на храната во февруари достигна 35,1%, што е намалување од 41,8% во јануари. Инфлацијата на опремата за домаќинствата, покуќнината и производите за одржување минатиот месец беше 33,6%, што е намалување од 35,3% во јануари.

Февруарскиот пад на инфлацијата може да биде знак дека Турција почнува малку да закрепнува од нејзините неодамнешни економски проблеми, иако постојат значителни предизвици.
Кога се соочи со зголемената инфлација, Централната банка на Република Турција ги намали каматните стапки, метод што го поддржа претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Ова беше многу различно од стратегиите на повеќето други големи централни банки за справување со високата инфлација, која обично вклучува зголемување на каматните стапки. Турската централна банка последователно ја напушти оваа стратегија кога лирата падна и инфлацијата се зголеми. Иако сега значително ги зголеми каматните стапки, стапката на инфлација во Турција е сè уште значително висока во споредба со повеќето други земји.
Инаку, Турција се обидува да ја стабилизира лирата со намалување на трговскиот јаз, зголемување на извозот и намалување на увозот.