На седницата на Советот за безбедност на ООН, 11 земји гласаа „за“, додека Русија, Кина и Пакистан се воздржаа, а Алжир гласаше против. Резолуцијата, која го користи мароканскиот план како основа за преговори, не споменува референдум за самоопределување – барање кое со децении го застапува Фронтот Полисарио и неговите сојузници, меѓу кои се Алжир, Русија и Кина.
Резолуцијата го потврдува растечкото меѓународно признавање на планот за автономија, поддржан и од најголемиот дел од земјите на ЕУ и сè повеќе африкански држави.
Американскиот амбасадор во ООН, Мајк Волц, го нарече гласањето „историски момент“, додавајќи дека тоа ќе создаде „нов замав за конечно воспоставување мир во Западна Сахара“.
Од другата страна, алжирскиот амбасадор Амар Бенџама оцени дека документот „останува под нивото на очекувањата и легитимните аспирации на народот на Западна Сахара“.
Западна Сахара е пустинска територија богата со фосфати, со големина приближно колку Колорадо, која до 1975 година била под шпанска власт. По повлекувањето на Шпанија, Мароко ја анектира територијата, додека Фронтот Полисарио прогласи независна Сахарска Арапска Демократска Република и доби поддршка од Алжир.
Денес, Мароко контролира речиси целата територија, освен тесна „слободна зона“ на исток од песочниот ѕид што ја разделува од териториите под контрола на Полисарио.
Примирјето од 1991 година предвидуваше референдум за самоопределување, но тој никогаш не се одржа поради спорови околу избирачките списоци.
Резолуцијата наведува дека „вистинска автономија под суверенитет на Мароко може да претставува најизводливо решение“ и го продолжува мандатот на мировната мисија на ООН (MINURSO) за уште една година. Генералниот секретар Антонио Гутереш е задолжен да направи преглед на мандатот во рок од шест месеци, во зависност од напредокот.
Во камповите за бегалци во Алжир, каде што живеат десетици илјади Сахравци, избувнаа протести против резолуцијата, со ветување дека нема да се откажат од борбата за независност.
Мароканскиот крал Мухамед VI изјави дека гласањето означува „ново и победничко поглавје“ во процесот на меѓународно признавање на мароканскиот карактер на Сахара и сигнал дека прашањето се движи кон „дефинитивно решение“.
Мароко, во рамките на својата стратегија, го претвори регионот во економски центар со изградба на длабоководно пристаниште и автопат од 1.000 километри, додека државните субвенции ги одржуваат ниски цените на енергијата и храната.
Овој потег доаѓа во време на растечка изолација на Алжир во однос на западните партнери и на повеќе јасно дефинирање на ставот на САД кон регионот. Вашингтон го промовира планот на автономија како трајно решение, а најновата резолуција го зацврстува новиот дипломатски баланс во Северна Африка, каде поддршката за Мароко станува критериум за сојузништво.
Извор: The Guardian