Околу 4,9 милиони деца починале пред да наполнат пет години во 2024 година, покажуваат новите проценки на Обединети нации, кои предупредуваат дека напредокот во намалувањето на детската смртност забавува.
Податоците, објавени од УНИЦЕФ, Светска здравствена организација, Светска банка и Одделот за население на ОН, покажуваат дека најголемиот дел од смртните случаи можеле да се спречат со подобар пристап до здравствена заштита и едноставни, евтини интервенции.
Главните причини за смрт кај децата под пет години и понатаму се компликации при предвремено раѓање, како и болести како маларија, се наведува во извештајот.
Напредокот забавува по 2015 година
Иако бројот на смртни случаи кај децата во светот е повеќе од преполовен од 2000 година, напредокот значително забавил по 2015 година. Меѓународните организации предупредуваат на глобално успорување во намалувањето на детската смртност.
Според Светска здравствена организација, конфликтите, економската нестабилност, климатските промени и слабите здравствени системи дополнително го отежнуваат напредокот, додека намалувањето на меѓународната помош може да ги загрози досегашните резултати.
Од УНИЦЕФ порачуваат дека ниту едно дете не смее да умира од болести што можат да се спречат и предупредуваат дека без итни мерки може да дојде до стагнација или дури и назадување во намалувањето на детската смртност.