На секои три секунди, некаде во светот, едно девојче стапува во брак – предупредуваат Обединетите нации во најновата објава , повикувајќи на глобална акција против детските бракови.
Во пораката објавена на официјалниот профил на Обединетите нации , се нагласува дека детскиот брак е сериозно кршење на човековите права, длабоко поврзано со сиромаштијата и родовата нееднаквост. Ваквата практика, според ОН, им ја одзема на девојчињата можноста да го достигнат својот целосен потенцијал и остава долгорочни последици врз нивното здравје и благосостојба.
ОН ги повикаа граѓаните ширум светот да се приклучат на кампањата за ставање крај на оваа појава, истакнувајќи дека борбата против детските бракови е дел од пошироката заложба за родова еднаквост и заштита на правата на децата.
Во објавата се потенцира дека љубовта и бракот не смеат да бидат наметнати врз деца, туку треба да бидат резултат на слободен избор и зрелост. Пораката е јасна – ниту едно дете не треба да биде во брак.
Кампањата се реализира во соработка со Агенцијата на ОН за сексуално и репродуктивно здравје (УНФПА), со цел подигање на свеста за последиците од детските бракови и потребата од нивно искоренување на глобално ниво.