Најновите податоци покажуваат дека во последниот месец преку државната Платформа за интероперабилност биле реализирани повеќе од 2,6 милиони дигитални трансакции, што претставува раст од 260 проценти во однос на истиот период минатата година.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел кој бара силна поддршка од државата. „Потребни се модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации насочени кон пазарот. Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за современа држава,“ нагласи тој.
Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, претседателката Нина Ангеловска Станков посочи дека дигиталната зрелост на регионот сè уште е на ниско ниво, но дека токму Македонија може да биде пример за забрзана дигитална трансформација. „Мора да вложуваме во дигитална писменост, доверба и инфраструктура, за да го искористиме потенцијалот на е-трговијата,“ истакна таа.
Со ваквиот раст, Македонија се позиционира меѓу водечките земји во регионот во областа на дигиталните услуги и е-трговијата, а трендовите покажуваат дека сè повеќе граѓани го избираат интернетот како најбезбеден и најбрз начин за купување и плаќање.
Извор:Рацин.мк