Онлајн насилството врз новинарките: Нормализирана закана што ја разјадува демократијата на Балканот

Жените новинарки во Македонија и Србија се соочуваат со двоен притисок – како професионалци и како жени. Додека бројките алармираат за растечко насилство, институционалната неказнивост и културната нормализација го претвораат овој феномен во системски проблем што директно влијае врз слободата на медиумите и демократијата.

Жените новинарки во Србија денес работат во средина во која нападите не се исклучок, туку правило. Разликата меѓу нив и нивните машки колеги е суштинска: додека мажите најчесто се напаѓани поради тоа што го напишале, жените се таргетирани и поради тоа кои се. Полот станува алатка за дискредитација, а сексизмот е старо-нова стратегија за замолчување.

Сексистички навреди, закани со сексуално насилство и организирани онлајн кампањи не се изолирани инциденти, туку се дел од поширок механизам, велат преставничките од новинарските здруженија од Србија, а нивната цел е јасна и тоа е да ги оттурнат жените од јавниот простор и да создадат клима во која тие ќе се двоумат дали воопшто да продолжат да работат.

Бројките што го потврдуваат системот

Статистиката е недвосмислена. Во Македонија, дури 81,6% од новинарките пријавиле дека биле жртви на онлајн вознемирување. Во Србија, секој втор напад врз новинар во 2024 година бил насочен кон жена. Дополнително, податоците покажуваат дека 57% од заканите и физичките напади биле насочени кон новинарки. Речиси 275 случаи се регистрирани во 2025 година, 109 од нив се физички напади, 100 се смртни закани

Во регионален контекст, ситуацијата не е ништо подобра. Од 239 пријавени случаи во периодот 2022–2024, само 17% завршиле со судска разрешница. Оваа бројка според претставниците на здруќенијата и извештаите на кои се повикуваат, не зборува само за неефикасност, туку и за системска неказнивост.

Јелена Петковиќ

Неказнивоста како механизам на притисок

Неказнивоста не е случаен пропуст. Таа функционира како дел од самиот систем на притисок врз новинарите. Како што посочува Јелена Петковиќ, член на Комисијата за жалби на Советот за новинари:

„Имаме ситуација каде насилството во онлајн сферата охрабрува понатамошно насилство – и онлајн и офлајн. Неказнивоста е тотална и тоа е факт што го живееме секој ден.“

Таа дополнува дека насилството станало „нормален“ дел од професијата, што е особено опасно:

„Овој вид насилство стана нешто што оди со работата. Но насилството никогаш не треба да биде нормално, ниту нормализирано.“

Оваа нормализација создава опасен циклус каде насилството се повторува затоа што не се санкционира, а отсуството на санкции испраќа порака дека таквото однесување е дозволено.

Тамара Филиповиќ Стевановиќ

Онлајн просторот како „див запад“

Еден од клучните проблеми е перцепцијата дека интернетот е простор без правила. Но, како што предупредуваат експертите, тоа е опасна заблуда. Тамара Филиповиќ Стевановиќ, генерален секретар на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и координаторка на регионалната мрежа SafeJournalists истакнува:

„Луѓето го доживуваат онлајн просторот како нешто без граници и без одговорност. Но тоа е јавен простор – и секој мора да сноси одговорност за зборот што го кажува.“

Во пракса, сепак, оваа одговорност ретко се спроведува. Наместо тоа, онлајн нападите често остануваат несанкционирани, што дополнително ја охрабрува нивната ескалација.

Мизогинијата како културен контекст

Насилството не се случува во вакуум. Тоа е длабоко вкоренето во пошироката културна матрица.

„Општеството веќе го има тој мизогинистички супстрат, кој секојдневно се охрабрува преку таблоидите и медиумите“, предупредува Петковиќ.

Ова значи дека нападите врз новинарките не се само реакција на нивната работа, туку одраз на подлабоки општествени ставови, смета нашата соговорничка. Кога сексизмот е нормализиран во јавниот дискурс, тој лесно се прелева и во нападите врз жените во медиумите.

Психолошки и професионални последици

Континуираното изложување на вакви напади има сериозни последици. Освен директниот стрес и притисок, постои и „тивка“ последица, а тоа е автоцензурата.

Новинарките почнуваат да избегнуваат одредени теми, да се повлекуваат од јавниот простор или да се откажуваат од професијата. Така, насилството не влијае само врз нив лично, туку и врз квалитетот на информирањето и јавниот интерес.

Кога нападот врз новинар е напад врз демократијата

Клучната порака од соговорничките е јасна: ова не е само професионален проблем.

„Секоја навреда, секоја закана кон новинар е напад врз демократијата“, нагласува Петковиќ.

Новинарството е еден од темелите на демократското општеств, вели таа. Кога новинарите се замолчуваат, било преку страв, притисок или насилство се нарушува правото на јавноста да биде информирана.

Онлајн насилството врз новинарките на Балканот не е ниту нов, ниту изолиран феномен. Тоа е системски проблем, потхранет од културни стереотипи, институционална неефикасност и дигитална неказнивост.

Сѐ додека нападите се релативизираат, а сторителите остануваат неказнети, овој циклус ќе продолжи, предупредуваат Петковиќ и Филиповиќ. Промената, нагласуваат тие бара повеќе од закони, а тоа е јасна политичка волја, институционална одговорност и општествена свест дека насилството врз новинарите не е приватен проблем, туку јавна закана.

И додека тоа не се случи, новинарките ќе продолжат да ја работат својата работа во услови кои сѐ повеќе личат на борба, не само за вистината, туку и за сопствената безбедност.

Во меѓувреме, жените новинарки во Србија се соочуваат со двоен притисок како професионалци и како жени. Додека бројките алармираат за растечко насилство, институционалната неказнивост и културната нормализација го претвораат овој феномен во системски проблем што директно влијае врз слободата на медиумите и демократијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни