Обединетите нации денеска посочија дека нема безбедни засолништа за Палестинците кои се принудени да го напуштат градот Газа, а „безбедните зони“ што ги означи Израел на југот од опустошената палестинска територија со исто име се нарекуваат „места на смртта“.
-Идејата за безбедна зона на југот на Појасот Газа е фарса, рече Џејмс Елдер, портпарол на УНИЦЕФ (Детскиот фонд на Обединетите нации), зборувајќи од Газа пред новинарите во Женева.
Елдер рече дека на југот од палестинските територии „бомбите се фрлаат со застрашувачка предвидливост, училиштата означени како привремени засолништа рутински се претвораат во урнатини, а шаторите редовно се бомбардираат“.
Од почетокот на воздушните напади врз Газа во август, пред копнената офанзива во средината на септември, израелската војска постојано ги повикува Палестинците да се преселат на југот од енклавата. Особено, ги повика Палестинците да се преселат во „хуманитарната зона“ во Ал-Маваси, на брегот, каде што, како што соопшти армијата, ќе добијат помош, медицинска нега и хуманитарна поддршка.
Израел ја прогласи областа за „безбедна зона“ на почетокот на војната, но оттогаш постојано ја напаѓа, тврдејќи дека целта им е палестинското исламистичко движење Хамас.
-Ал-Маваси е сега едно од најгусто населените места на планетата, неприфатливо пренаселено и лишено од најосновните средства за преживување, рече Елдер.
До крајот на 2023 година, ОН веќе почнаа да го „преиспитуваат овој концепт на еднострано прогласена безбедна зона“, потсети Елдер, нагласувајќи дека „одговорност на окупаторската сила Израел е да обезбеди дека безбедната зона ги има сите основни елементи за преживување – храна, засолниште и санитарни услови“.
-Нема доволно од ниту еден од тие елементи, рече тој, додавајќи дека ООН првично „барем претпоставувале дека овие места нема да бидат бомбардирани“, но во текот на изминатите 18 месеци, „безбедните зони“ биле погодени „десетици пати“.