Светска програма за храна (WFP) ќе ги затвори своите операции во северниот дел на Јемен, кој е под контрола на бунтовничкото движење Хути, поради ограничувања, притисоци и небезбедни услови за работа, соопштија извори од Обединети нации.
Според информациите, околу 365 вработени во WFP во северен Јемен ќе останат без работа до крајот на март, што дополнително ќе ја влоши веќе тешката хуманитарна состојба во земјата, која Обединетите нации ја оценуваат како една од најтешките хуманитарни кризи во светот.
Извори запознаени со одлуката наведуваат дека клучни причини за повлекувањето се „небезбедната оперативна средина“ во областите под контрола на Хутите и сериозниот недостиг од финансиски средства. Само 25 проценти од планираните хуманитарни активности на ОН во Јемен за 2025 година биле финансирани, покажуваат податоците на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Во изминатите години, Хутите значително го зголемиле притисокот врз хуманитарните и меѓународните организации. Десетици вработени во ОН, како и во невладини и граѓански организации, биле приведени, а во последните месеци бунтовниците насилно влегле и зазеле објекти на ОН во Сана и на други локации. Хутите тврдат, без да приложат докази, дека приведените лица се шпиони, обвинувања кои Обединетите нации ги отфрлаат.
Според ОН, областите под контрола на Хутите опфаќаат околу 70 проценти од вкупните хуманитарни потреби во земјата, што значи дека ограничувањето на работата на WFP директно ќе влијае врз милиони луѓе.
Рамеш Рајасингам, директор за хуманитарни операции на ОН во Јемен, неодамна предупреди пред Советот за безбедност дека повеќе од 18 милиони луѓе би можеле да се соочат со акутна несигурност во снабдувањето со храна во наредниот период, при што десетици илјади се изложени на ризик од „катастрофален глад“ и услови слични на глад.
Јемен е во граѓанска војна од 2014 година, кога Хутите ја презедоа контролата врз главниот град Сана, принудувајќи ја меѓународно признатата влада да замине во егзил. Конфликтот дополнително ескалираше во 2015 година со интервенцијата на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, претворајќи го во регионален конфликт со сериозни последици за цивилното население.
Во оваа смисла, важно е да се нагласи и присуството на Иран, чија поддршка се одвива на повеќе нивоа. Според проценките на Обединетите нации, САД и Европската Унија, Иран обезбедува индиректна воена поддршка преку испорака на оружје, ракети и дронови, како и преку обука и техничка експертиза, вклучително и помош во развојот на балистички и крстосувачки ракети.
Иако Техеран официјално ги негира овие тврдења, повеќе меѓународни извештаи укажуваат на присуство на иранска технологија кај дел од хутските напади. Покрај воената димензија, постои и идеолошка и политичка поврзаност: иако Хутите припаѓаат на заидискиот шиитски правец, различен од иранскиот, нивната реторика по 2011 година сè почесто вклучува антиамерикански, антизападни и анти-израелски пораки, блиски до иранската револуционерна идеологија.
Според податоците на WFP, околу 4,8 милиони луѓе и понатаму се внатрешно раселени во Јемен, во услови на продлабочена хуманитарна криза.
