Обединетите нации во Северна Македонија денеска, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, го одбележаа Меѓународниот ден на езерата, потсетувајќи дека тие не се само водни површини, туку извори на живот, биодиверзитет и заедничка благосостојба.

Во објавата се наведува дека во земјава постојат над 160 езера, од кои повеќе од 50 се природни. Особено значење има Охридското Езеро, едно од најстарите во Европа и дом на повеќе од 200 ендемски видови, кое претставува непроценливо природно богатство.

ОН потсетуваат дека Охридското, Преспанското и Дојранското езеро не се само природни убавини, туку и дел од историјата, културата и иднината на државата.
„Да ги чуваме езерата како што ги чуваме спомените — со грижа, одговорност и љубов. За поздрава природа. За посилни заедници. За планета што дише“, стои во објавата.

Воедно, граѓаните се охрабруваат да споделат свои фотографии или спомени покрај езеро и да се приклучат во повикот за нивна заштита.