Генералното собрание на Обединети нации усвои резолуција со која трговијата со робови се признава како „најголемо злосторство против човештвото“, чекор за кој поддржувачите се надеваат дека ќе отвори пат кон правда и историско помирување.
Резолуцијата, предложена од Гана, ги повикува земјите-членки на ОН да размислат за официјално извинување за трговијата со робови и за придонес во фонд за репарации, иако не се наведува конкретен износ.
Предлогот беше усвоен со 123 гласа „за“ и три „против“. Соединетите Американски Држави, Израел и Аргентина, додека 52 земји беа воздржани, вклучително и Македонија, Обединетото Кралство и членките на Европската унија, пренесува BBC.
Повик за репарации и правда
Земји како Обединетото Кралство долго време одбиваат да плаќаат отштета, тврдејќи дека денешните институции не можат да бидат одговорни за неправдите од минатото. Но, министерот за надворешни работи на Гана, Самуел Окудзето Аблаква, испрати поинаква порака.
„Барамe репарации, и сакам да бидам јасен – африканските лидери не бараат пари за себе. Бараме правда за жртвите и поддршка за образовни фондови и програми за обука“, изјави тој.
Кампањата за репарации добива сè поголем замав во последните години, а „репаративната правда“ беше и официјална тема на Африканска унија за 2025 година.
Историски размери на трагедијата
Помеѓу 1500 и 1800 година, околу 12 до 15 милиони луѓе биле киднапирани од Африка и однесени во Америка, каде биле принудени на робовски труд. Се проценува дека повеќе од два милиони луѓе починале за време на транспортот.
Во резолуцијата, поддржана од Африканската унија и Карипска заедница, се наведува дека последиците од ропството и денес се чувствуваат преку расна нееднаквост и неразвиеност што ги погодува Африканците и луѓето со африканско потекло ширум светот.
Повик за враќање на украденото наследство
„Многу генерации сè уште страдаат од исклученост и расизам поради трансатлантската трговија со робови“, изјави Аблаква за BBC.
Резолуцијата исто така повикува на враќање на културните артефакти украдени за време на колонијалниот период во земјите од кои потекнуваат.
„Сакаме враќање на сите ограбени артефакти што ја претставуваат нашата култура, наследство и духовност“, порача Аблаква.
Критики кон Трамп
Претседателот на Гана, Џон Драмани Махама, ја нарече резолуцијата „историска“ и „заштита од заборав“.
Тој ја критикуваше администрацијата на Доналд Трамп за, како што рече, „нормализирање на бришењето на црнечката историја“.
Според него, политиките на Трамп довеле до чекори како обновување на споменици од Конфедерацијата и обиди за отстранување изложби за ропството во Филаделфија.
„Таквите политики стануваат пример за други влади, но и за некои приватни институции“, предупреди Махама.