Светската програма за храна (WFP) и УНИЦЕФ соопштија дека резервите на храна за државата Горен Нил – регион со една од највисоките стапки на неухранетост во земјата – се очекува да се потрошат до крајот на месецот.
„Децата се првите што страдаат во вонредни состојби. Ако не успееме да ја доставиме храната, ризикуваме влошување на состојбата со неухранетоста во веќе ранливите подрачја,“ предупреди Мери-Елен МекГроарти, претставничка на WFP во Јужен Судан, во заедничко соопштение со УНИЦЕФ.
Реката Нил е клучна транспортна рута за Јужен Судан, земја со ограничена патна инфраструктура и тежок терен, каде многу патишта стануваат непроодни за време на дождовната сезона.
Иако агенциите не прецизираат дали судирите директно ги попречуваат баржите што превезуваат помош преку Нил, јужно суданските владини сили од март се во вооружени судири со припадници на Нур племенската милиција позната како „Белата армија“.
Безбедносната состојба во Јужен Судан дополнително се влоши во последните месеци, по судирите меѓу силите на претседателот Салва Кир и приврзаниците на првиот потпретседател Риек Мачар, кој беше уапсен во март. Ова ја зголемува загриженоста за повторно избувнување на граѓанската војна што заврши во 2018 година, откако однесе околу 400.000 животи.