Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги предупреди земјите членки дека светската организација се соочува со ризик од „финансиски колапс“, поради неплатени задолжителни придонеси и буџетски правила кои ја ограничуваат финансиската флексибилност на ОН.
Во писмо упатено до амбасадорите на земјите членки, датирано на 28 јануари, Гутереш наведува дека кризата се продлабочува, го загрозува спроведувањето на програмите и може дополнително да се влоши во блиска иднина.
„Кризата се продлабочува, го доведува во прашање спроведувањето на програмите и носи ризик од финансиски колапс. Ситуацијата ќе се влоши доколку не се преземат итни мерки“, се наведува во писмото.
ОН се соочуваат со сериозни проблеми со ликвидноста во момент кога нивниот најголем финансиер – Соединетите Американски Држави, значително го намали доброволното финансирање на агенциите на ОН и одби да ги изврши обврзните уплати во редовниот буџет и во буџетот за мировни операции.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно најави промени во пристапот кон финансирањето на меѓународните организации, што дополнително го зголеми притисокот врз финансиската стабилност на ОН.
Гутереш во писмото посочува дека одлуките за непочитување на проценетите финансиски придонеси, кои покриваат значителен дел од одобрениот редовен буџет, сега се и формално објавени.
Тој предупредува дека, доколку сегашниот тренд продолжи, расположливите парични средства на организацијата би можеле да се исцрпат веќе до јули оваа година.
Според генералниот секретар, ОН се наоѓаат пред два можни сценарија: или сите земји членки целосно и навремено ќе ги исполнат своите финансиски обврски, или ќе биде неопходна темелна реформа на финансиските правила на организацијата.
„Или сите држави членки ќе ги почитуваат своите обврски и ќе плаќаат целосно и навреме, или ќе мора суштински да ги преиспитаме и измениме финансиските правила за да се спречи непосреден финансиски колапс“, предупреди Гутереш.
Дополнителен проблем, според него, претставуваат и постојните буџетски правила кои ја обврзуваат организацијата да ги враќа неискористените средства, со што се ограничува можноста за создавање финансиски резерви што би можеле да ги ублажат краткорочните нарушувања во приливот на средства.
Извор Reuters
