ОН: Пет милиони тони отпад на Јамајка по најголемата климатска катастрофа во нејзината историја

По налетот на ураганот Мелиса, на Јамајка се создадени околу пет милиони тони отпад што ги блокира патиштата и пристапот до основните услуги, соопшти Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП).

Ураганот Мелиса, еден од најмоќните што некогаш го погодиле Карибите, претставува „најголемата климатска катастрофа во историјата на Јамајка“, изјави претставникот на УНДП, Кишан Ходај.

Според првичните проценки, штетата изнесува околу 30 проценти од Бруто домашниот производ на земјата, а се очекува таа бројка дополнително да порасне, посочи Ходај, нагласувајќи ги големите размери на разурнувањата по ураганот.

„Овој разорен ураган предизвика огромна штета низ западните и централните делови на Јамајка, со изгубени животи, уништени домови, бизниси, фарми и инфраструктура, а тони отпад се разфрлани низ островот“, рече тој.

Според анализата на сателитските податоци, УНДП проценува дека ураганот создал повеќе од 4,8 милиони тони отпад, што е доволно за да се наполнат 480.000 камиони.

Тоа вклучува околу 2,1 милион тони урнатини од згради, 1,3 милион тони растителен отпад и 1,4 милион тони лични предмети.

„Цели заедници се опколени со отпад“, предупреди претставникот на Обединетите нации, додавајќи дека неговото брзо отстранување е од клучно значење.

На Јамајка загинале 32 лица, а на Карибите вкупно 76, по минувањето на ураганот Мелиса.

Според студија на Империјал колеџот во Лондон, ураганот бил посилен и поразорен поради климатските промени предизвикани од човечка активност.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни