ОН: Откритијата во „Епстиновите досиеја“ може да претставуваат злосторства против човештвото

Експерти на ОН предупредуваат дека откритијата од објавените „Епстинови досиеја“ може да го достигнуваат прагот на злосторства против човештвото, вклучувајќи сексуално ропство и трговија со луѓе.

Експерти на Обединетите нации соопштија дека документите познати како „Епстинови досиеја“, неодамна објавени од американското Министерство за правда, содржат „вознемирувачки и веродостојни докази“ за систематско и масовно сексуално злоставување, трговија со луѓе и експлоатација на жени и девојчиња.

Според нив, обемот и природата на делата може да го исполнуваат законскиот праг за злосторства против човештвото.

Досијата се однесуваат на покојниот финансист и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.

Потенцијални кривични дела

ОН наведуваат дека делата би можеле да се квалификуваат како сексуално ропство, репродуктивно насилство, присилно исчезнување,тортура, нечовечно и понижувачко постапување и фемицид.

Експертите предупредуваат дека систематскиот и транснационален карактер на наводните злосторства укажува на постоење на глобален криминален потфат, со „застрашувачки импликации на неказнивост“.

Барање за независна и темелна истрага

Според соопштението објавено преку Канцеларијата на ОН за човекови права, сите обвинувања бараат независна, темелна и непристрасна истрага.

Експертите нагласуваат дека истрагите мора да утврдат како ваквите злосторства можеле да траат толку долго и да останат несанкционирани.

Тие повикуваат случаите да се процесуираат пред сите надлежни национални и меѓународни судови.

Загриженост за приватноста на жртвите

И покрај обемот на објавените документи, експертите предупредуваат на сериозни пропусти во редактирањето, при што биле откриени чувствителни информации за жртвите.

Според нив одговорноста досега е ограничена, само на еден близок соработник е под истрага а жртвите се изложени на ризик од одмазда и стигматизација

Тие ја осудија можноста случајот да биде „затворен“ без целосна правна разрешница и порачаа дека оставките не се замена за кривична одговорност.

Обемот на објавените материјали

Процесот на објавување се спроведува според американскиот Закон за транспарентност, кој стапи во сила во ноември 2025 година.

Американското Министерство за правда објави повеќе од 3 милиони страници документи, околу 2.000 видео-снимки и 180.000 фотографии

ОН заклучуваат дека државите имаат обврска да спречат, истражат и санкционираат насилство врз жени и девојчиња – без разлика на статусот или моќта на инволвираните.

„Никој не е премногу богат или премногу моќен за да биде над законот“, се наведува во соопштението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни