ОН: Минатата година 50.000 жени беа убиени од лица кои им биле блиски

Во текот на минатата година, во светот биле намерно убиени вкупно 83.000 жени и девојки. Од овој број, 60 проценти — односно околу 50.000 — ги убил партнер или член на семејството. Тоа значи 137 убиени жени дневно, или по една на секои десет минути, покажува извештајот објавен по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените

Околу 50.000 жени и девојки биле убиени минатата година од страна на личност која им била блиска, соопшти вчера Обединетите нации, изразувајќи жалење поради недостатокот на „вистински напредок“ во борбата против фемицидот.

Во текот на минатата година, во светот биле намерно убиени вкупно 83.000 жени и девојки. Од овој број, 60 проценти — односно околу 50.000 — ги убил партнер или член на семејството. Тоа значи 137 убиени жени дневно, или по една на секои десет минути, покажува извештајот објавен по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.

Оваа проценка се темели на анализа на статистички податоци од 117 земји. Иако бројките се нешто пониски од оние во 2023 година (51.100), „оваа промена не покажува вистинско намалување“, се наведува во извештајот, во кој разликата се објаснува со различната достапност на податоци.

Најмногу фемициди има во Африка

Двете агенции на ОН кои стојат зад извештајот — UN Women и Канцеларијата на ОН за дрога и криминал — изразуваат загриженост што бројките „остануваат непроменети, и покрај годините глобални заложби“.

Фемицидот и натаму е причина за смрт на десетици илјади жени ширум светот, „без никакви знаци на значително подобрување“, а „домот останува најопасното место за жените и девојките во однос на убиствата“. Иако жените сочинуваат 20% од сите жртви на убиства во светот во 2024 година, 60% од нив се убиени во приватната сфера, додека само 11% од убиените мажи загинале во таков контекст.

Иако ниту еден светски регион не е поштеден, најголемиот број жртви на фемицид од страна на блиска личност е регистриран во Африка — околу 22.000.

Извештајот дополнително нагласува дека развојот на одредени технологии ја влошил ситуацијата или создал нови облици насилство врз жените, како што се објавување лични податоци, споделување интимни фотографии или видеа, како и ширење „дипфејк“ видеа генерирани со вештачка интелигенција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни