Обединетите нации предложија итен план за Куба, која е погодена од криза, вклучувајќи и следење на потрошувачката на гориво, додека траат преговорите со Соединетите Американски Држави за дозволување увоз на енергенси за хуманитарни услуги, изјави во средата претставник на ОН.
Франциско Пишон, координатор на ОН на Куба, рече дека планот вреден 94,1 милион долари е предложен за да се одржат клучните услуги за најранливите луѓе во земјата и да се „спасуваат животи“.
„Ако сегашната состојба продолжи и резервите на гориво во земјата се исцрпат, се плашиме од брзо влошување, со можни загуби на човечки животи“, им рече Пишон на новинарите. „Изводливоста и спроведувањето на овој акциски план очигледно зависат од решенијата за гориво“, додаде тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп во јануари воведе нафтена блокада кон Куба, продлабочувајќи ја енергетската и економската криза додека врши притисок врз комунистичката влада. ОН се во преговори со Вашингтон за да се овозможи увоз на гориво за хуманитарни цели.
Пишон рече дека акцискиот план и „моделот за следливост на горивото“ се предлагаат „како инструменти за обид да се постигне договор, пат до пристап до гориво“. Тој објасни дека е потребен план за следење на горивото „за да се обезбеди тоа да стигне до клучните, основни услуги што имаат приоритет“.
„Се разгледуваат сите решенија, вклучително и соработка со недржавниот сектор“, рече тој. Вашингтон минатиот месец незначително го ублажи ембаргото за да овозможи продажба на нафта на малиот приватен сектор во Куба.
Пишон рече дека планот во вторникот бил претставен пред десетици дипломати и претставници на меѓународни невладини организации. Американските дипломати биле поканети, но Пишон рече дека не знае дали се одзвале. Планот на ОН е проширување на нивниот одговор на ураганот Мелиса, кој ја погоди Куба во октомври, за да го опфати и хуманитарното влијание од енергетската криза.
Персоналот на ОН главно не можел да врши теренска работа, а агенциите на ОН имаат потешкотии при преземањето на пратките со помош од аеродромите во Хавана.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец предупреди дека постои ризик од хуманитарен „колапс“ ако на Куба ѝ биде ускратена нафта. Кубанците редовно се соочуваат со прекини на струја што можат да траат повеќе од 20 часа, а само минатата недела имало два прекина на електричната енергија на ниво на целата земја. Претседателот Мигел Дијас-Канел воведе итни мерки за штедење гориво, вклучително и строго рационализирање на потрошувачката.