Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа усвои резолуција поддржана од САД со која се одобрува предлогот на Мароко за автономија на Западна Сахара како основа за обновени разговори, со што се зајакнуваат претензиите на Рабат кон спорната територија, објави ДПА.
Единаесет членови на советот гласаа за резолуцијата, додека Русија, Кина и Пакистан се воздржаа. Алжир, кој се спротивставува на резолуцијата и го поддржува движењето Полисарио Фронт, кое се бори за независност на Западна Сахара, не учествуваше во гласањето.
Резолуцијата претставува најсилен израз на меѓународна поддршка досега за предлогот на Мароко од 2007 година, кој предвидува територијата да добие право на самоуправа под марокански суверенитет, забележа ДПА.
Документот ги повикува страните да ги продолжат преговорите без предуслови со цел да се постигне „дефинитивно и меѓусебно прифатливо политичко решение што ќе обезбеди самоопределување на народот на Западна Сахара“.
Мароко анектира делови од пустинската територија богата со ресурси откако Шпанија се повлече од неа во 1975 година и оттогаш контролира големи делови од неа. Спорадичните судири продолжуваат меѓу мароканските сили и Фронтот Полисарио, поддржан од Алжир.
САД, Израел, Франција и неколку африкански земји веќе ги признаваат претензиите на Мароко за територијата, која се наоѓа меѓу Мароко и Мавританија на атлантскиот брег.
Амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Валц, го нарече гласањето „историско“ и рече дека тоа „го зајакнува моментумот за воспоставување долгоочекуван мир во Западна Сахара“.
Постојаниот претставник на Алжир во Обединетите нации, Амар Бенџама, рече дека резолуцијата не ја одразува точно и доволно доктрината на ОН за деколонизација.
Со Резолуцијата, исто така, се продолжува мандатот на мировната мисија на ОН во Западна Сахара за уште една година.