Милиони документи поврзани со починатиот сексуален престапник Џефри Епстајн укажуваат на постоење глобална криминална мрежа која би можела да претставува злосторства против човештвото, предупредија експерти за човекови права при Обединетите нации. Според нив, злосторствата опишани во документите што ги објави американското Министерство за правда биле извршувани во контекст на супрематистички уверувања, расизам, корупција и екстремна мизогинија, при што жените и девојчињата биле третирани како предмети и лишени од човечко достоинство.
Експертите наведуваат дека размерот, природата, систематичноста и транснационалниот карактер на овие злосторства се толку сериозни што за дел од нив разумно може да се смета дека го исполнуваат законскиот праг за злосторства против човештвото. Тие повикаа на независна, темелна и непристрасна истрага, како и на испитување како било можно ваквите дела да се случуваат толку долго време без соодветна реакција.
Според објавените информации, досега се идентификувани повеќе од 1200 жртви. Претставниците на ОН изразија загриженост и поради сериозни пропусти при редакцијата на документите, при што биле откриени чувствителни податоци за жртвите, што дополнително ги трауматизирало преживеаните.
Епстајн во 2008 година призна вина за обвиненија поврзани со проституција, вклучително и барање малолетничка. Во 2019 година повторно беше уапсен поради федерални обвиненија за сексуална експлоатација на малолетници, а истата година беше пронајден обесен во затворската ќелија. Неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство. Објавените документи откриваат и негови врски со бројни познати личности од политиката, финансиите, академската заедница и бизнисот, што дополнително ја зголемува јавната загриженост и барањата за целосна транспарентност.