Гутереш, говорејќи на отворањето на третата Конференција на ОН за океаните во Ница, истакна дека нелегалниот риболов, загадувањето со пластика и зголемувањето на температурата на морето ги загрозуваат кревките екосистеми и милиони луѓе кои зависат од нив.
„Океанот е најважниот заеднички ресурс на човештвото. Но, ние не успеваме да го заштитиме“, рече Гутереш, посочувајќи на падот на рибните резерви, зголемувањето на нивото на морето и закиселувањето на океаните.
Океаните, исто така, играат клучна улога во ублажувањето на климатските промени, апсорбирајќи околу 30% од емисиите на CO2 што ја загреваат планетата. Но, како што океаните се загреваат, потоплите води ги уништуваат морските екосистеми и ја намалуваат способноста на океаните да апсорбираат CO2.
„Ова се симптоми на систем во криза – и тие се меѓусебно поврзани. Проблемите во синџирот на исхрана, уништување на природните ресурси и растечката несигурност“, додаде Гутереш.
Договорот за отворено море, усвоен во 2023 година, ќе им дозволи на земјите да основаат морски паркови во меѓународни води, кои покриваат речиси две третини од океанот и се во голема мера нерегулирани.
Досега, само околу 1% од меѓународните води, познати како „отворено море“, биле заштитени.
Потегот на нациите да ги претворат долгогодишните ветувања во конкретни акции за заштита на океаните доаѓа во време кога претседателот Доналд Трамп ги повлекува САД и нивните средства од климатските проекти, додека некои европски влади ги ослабуваат обврските за зелена политика за да ги поддржат економиите и да ги задоволат националистичките интереси.
Соединетите држави сè уште не го ратификувале договорот и нема да го сторат тоа за време на конференцијата, изјави Ребека Хабард, директорка на Алијансата за отворено море.
Францускиот претседател Емануел Макрон, ко-домаќин на конференцијата, им рече на делегатите дека 50 земји веќе го ратификувале договорот, а уште 15 ветиле дека ќе го сторат тоа. Договорот ќе стапи во сила кога ќе го ратификуваат најмалку 60 земји. Макрон изрази надеж дека тоа ќе се случи пред крајот на годината.
Соединетите Американски Држави не испратија делегација на високо ниво на конференцијата.
„Не е изненадување, ја знаеме позицијата на американската администрација по овие прашања“, изјави Макрон пред новинарите.
Британскиот принц Вилијам, исто така присутен на конференцијата, изјави дека заштитата на океаните е предизвик „какво што светот не го видел досега“.
Инвестициите во здравјето на океаните изнесувале вкупно само 10 милијарди долари од 2015 до 2019 година, што е значително под потребните 175 милијарди долари годишно, соопштија од ОН.
Извор: Reuters