Олујата Горети ја зафаќа Европа: силни ветрови, обилни врнежи и снег

Црвени метео-предупредувања во Велика Британија, десетици илјади домаќинства без струја во Франција, а екстремен студ и снег се очекуваат и во Германија.

Неколку региони низ Европа се соочуваат со екстремни временски услови поради пристигнувањето на олујата Горети, која носи силни ветрови, обилни врнежи од дожд и снег, како и значителен пад на температурите.

Најсилен удар се очекува во Велика Британија, Франција и Германија. Британската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за ветер – највисоко ниво на тревога – за островите Сили и округот Корнвол, на југозападот на Англија.

Се очекуваат удари на ветер до 160 километри на час, а метеоролозите предупредуваат и на појава на исклучително високи бранови кои можат да создадат опасни услови во крајбрежните подрачја. Дополнително, издадено е портокалово предупредување за снег во Велс, Мидлендс и делови од северна Англија, каде што на одредени места може да наврнат и до 30 сантиметри снег.

Британската национална железница соопшти дека железничкиот сообраќај ќе биде нарушен во наредните два дена и ги повика граѓаните да избегнуваат патувања, освен ако не се неопходни. Засега нема најави за сериозни прекини во воздушниот сообраќај од Лондон.

И Франција се подготвува за ударот на олујата Горети, особено во северниот департман Манш, каде што се очекуваат ветрови со јачина до 160 километри на час. Во земјата веќе околу 380.000 домаќинства останале без електрична енергија, а училиштата ќе останат затворени во петок. Временски предупредувања се издадени во уште 30 северозападни региони.

„Побарајте засолниште и не ги користете вашите возила“, предупреди префектурата Манш преку социјалните мрежи, повикувајќи ги граѓаните да подготват итно осветлување и резерви од вода за пиење.

Во Германија, метеоролозите најавуваат дека силниот снег и ветровите на северот ќе влијаат врз училиштата, болниците и транспортната инфраструктура. На северот се очекуваат до 15 сантиметри снег, додека на југ постои висок ризик од појава на мраз и голомразица, соопшти Германската метеоролошка служба.

Температурите за време на викендот во одредени региони би можеле да паднат и до -20 степени Целзиусови. Дел од германските покраини веќе најавија затворање на училиштата, вклучително и градовите Хамбург и Бремен, каде што временските услови веќе предизвикаа доцнења и откажувања во јавниот превоз.

Националната железничка компанија „Дојче Бан“ предупреди на значителни доцнења во наредните денови и ангажираше повеќе од 14.000 вработени за расчистување на снегот од пругите и пероните. Според прогнозите, олујата ќе трае до сабота, додека снежните врнежи би требало да престанат во понеделник.

Метеоролозите посочуваат дека ваквиот интензитет на студ и снег претставува исклучок во однос на последните неколку поблаги зими, кои се поврзуваат со климатските промени. Иако вакви екстреми сè уште се можни, тие во иднина ќе стануваат сè поретки.

Во меѓувреме, Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека само еден регион во Норвешка – арктичкиот архипелаг Свалбард – во четвртокот забележал температури над нулата, додека остатокот од земјата бил под влијание на силен студ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни