Доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ и промоција на „Џинџуџе“

На 5 ноември во „Литература.мк“ – Дајмонд мол, ќе се одржи свеченото доделување на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади и промоцијата на победничкото „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски.

Свеченото доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2025 година и промоцијата на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски ќе се одржат на 5 ноември (среда) од 19:00 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе се обрати жирито во состав: Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска и Јагода Михајловска-Георгиева. Романот е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е збогатен со илустрации од Здравко Гиров.

„Џинџуџе“ е првото дело за деца и млади на истакнатиот македонски писател Ермис Лафазановски. Романот е модерна бајка за потрагата по среќа, сместена во наше време и на наш простор. Бајковидноста и духовитото реферирање на фолклорната традиција се остварени преку два лика – џин и џуџе (едно огромно и едно ситно дете) – исправени пред предизвиците на современиот живот, обединети во „мол-културата“ како неизбежен факт на сегашноста.

„Џинџуџе“ е заедничко уметничко име на двајца најдобри пријатели – џинот и џуџето – кои функционираат како едно суштество. Зближени по принцип на контраст (едниот е огромен и силен, интелектуално инфериорен; другиот ситен и физички немоќен, но интелектуално супериорен), тие се досетливи акробати што изведуваат точки со велосипед низ Скопје, особено во „Сити мол“.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е установена на 11 март 2025 година – на роденденот на Оливера Николова. На првиот конкурс пристигнаа 38 ракописи од 37 автори; во најтесниот избор влезе и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).

Паралелно, „Арс Ламина“ го распиша и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за 2026 година. Конкурсот трае до 11 јануари 2026; право на учество имаат автори со необјавени романи за деца и млади во должина од 2 до 5 авторски табаци (прибл. 32–80 страници).

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни