Во петок, 24 октомври 2025 година, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена новата самостојна изложба на уметникот Оливер Мусовиќ, насловена „Билни прилагодувања“. Кураторка на поставката е Ивана Васева, а изложбата ќе биде отворена до 19 ноември 2025 година.
Во рамките на изложбата, Мусовиќ ја продлабочува својата долгорочна истражувачка линија за односи меѓу природата и човекот, инспирирана од современите еко-филозофии на Ана Цинг, Дона Харавеј и Мареј Букчин, кои укажуваат на потребата од симбиоза, соработка и меѓузависност во услови на климатска и еколошка криза.
Фокусот на оваа фаза од неговото творештво е „третиот пејзаж“ – концепт што се однесува на занемарените, напуштени или урнати простори каде природата спонтано се регенерира. Уметникот во овие пејзажи препознава поетика на опстанокот, каде рудералните растенија – оние што растат на урнатини – стануваат симболи на издржливост и отпорност.
Преку сериите „Обраснато“ (2023), „Рудерален хербариум“ (2023–2025), „Рудерален хербариум на Сингапур“ (2024), „Микроклими“ (2024) и „Атлас од сингапурски папратВИ“ (2025), Мусовиќ создава визуелна архива на растителни адаптации во различни урбани и климатски контексти. Деловите од овие серии веќе беа изложени во Австрија, Германија, Франција и Сингапур, а ова претставување во Скопје претставува нивно прво домашно обединување.
Посебен дел од изложбата е посветен на дигитална публикација, коавторирана со вештачка интелигенција, поставена на компјутер како отворен експеримент за интерактивно истражување.
„Билни прилагодувања“ е истовремено и ретроспектива и продолжение – со неа, Оливер Мусовиќ одбележува 30 години активно творештво, започнато со неговата прва самостојна изложба во Битола во 1995 година. Осумнаесет години по последната негова самостојна поставка во МСУ, уметникот се враќа со дела што ја надминуваат границата меѓу уметноста, екологијата и технологијата.
Изложбата ја отвора темата за опстанокот на животот на маргините, за слабите, но упорни форми на постоење што уметноста ги препознава како метафора на современиот човек и неговото постојано приспособување на светот што се менува.