Во рамки на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ 2025, младите пливачи ги воодушевија гледачите со исклучителни настапи, рекорди и искрени изливи на радост. Од базенот во Скопје трепкаа медали, а на трибините се ширеше гордост и радост.
Украина, Унгарија, Италија и Босна и Херцеговина освоија медали – злато, сребро и бронза – но победници беа сите млади спортисти кои со својата енергија, дисциплина и спортски дух ја одбележаа оваа незаборавна вечер.

„Ова беше нешто за што се подготвував цела година. Задоволна сум од резултатот и горда што донесов медал за мојата земја“, изјави Незрина Врабац од Босна и Херцеговина, по освојувањето на среброто.
Младите пливачи не зборуваа само за медали, туку и за дисциплина, пријателства и неверојатна атмосфера.

„Тренирам секој ден од седум години. Ова натпреварување ми беше главната цел оваа сезона. Атмосферата на ЕМОФ е незаборавна – толку многу култури, јазици и позитивна енергија“, вели Бурока Кетис од Унгарија.

Од Македонија, на базенот се натпреваруваше и младиот Леонард Илиев од Скопје. „Ми е првпат на вакво големо првенство. Полуфиналето не го очекував, но ова е големо искуство и поттик да тренирам уште повеќе“, споделува тој.
Скопје, покрај тоа што беше домаќин на спортски спектакл, стана и место на нови пријателства.




„Сè е супер организирано. Финалињата се највозбудливи. Ми се допаѓа што можам да запознаам деца од цела Европа. Овие пријателства ќе останат засекогаш“, споделува учесничка од Италија.
Во публиката гордо бодреа и волонтерите – дури 700 млади луѓе кои заедно со 4300 спортисти од цела Европа ја прават Скопје најубавата младинска олимписка приказна.





Овие млади спортисти не само што ги претставуваат своите држави – тие се симбол на надежта, на трудот, на иднината што доаѓа со срце и упорност.







Фотографии: Надица Манева Ангеловски