Oктомвриски музички поход во Jадро

Култиватор и КЦ Јадро го најавуваат еднодневниот фестивал „Октомвриски музички поход 2025“ – вечер на автентична музика, свежи бендови и легендарни диџеи.

Овој петок, 24 октомври 2025 година, со почеток во 19 часот, КУЛТИВАТОР во соработка со Културниот Центар Јадро го организира еднодневниот фестивал „Октомвриски музички поход 2025“, кој ќе ја претвори сцената во жив, автентичен простор на звук, младост и слобода. Настанот ќе се одржи во просториите на КЦ Јадро, а влезот е слободен.

На фестивалот ќе настапат Група Калико, Група Димиш, како и диџеите Раста Грл, Чарли и Анчи Саунд Ст., кои ќе ја затворат вечерта со енергични сетови што преминуваат од реге до фанк и ретро-звуци од 80-тите.

Калико е млад македонски инди/рок бенд кој зад себе има повеќе од десет синглови и бројни настапи низ земјата. Членовите Леон, Горазд, Ана и Аце ќе настапат со дел од својот нов материјал, продолжувајќи да ја дефинираат својата препознатлива мелодична естетика и сценска свежина.

Димиш, мултиинструменталист и автор со искуство во неколку проекти (вклучувајќи ги Ред18 и трибјут-бендови), е познат по својот енергичен, гаражен звук инспириран од Hüsker Dü, Dinosaur Jr. и Sonic Youth. На сцената ќе претстави нов материјал од својот опус, комбинирајќи панк, алтернативен рок и експериментален пристап кон авторската музика.

Публиката ќе ја придвижат и три диџеј сетови: Раста Грл, реге/ска/даб диџеј со повеќе од две децении активно присуство, позната по настапот на Exit Festival каде отвораше за легендарниот Max Romeo; Чарли, ветеран со над три децении музичко искуство чии сетови се движат од рок и фанк до ворлд музика; и Анчи Саунд Ст., ретро колектив што ја негува магијата на осумдесеттите.

Со „Октомвриски музички поход“, Култиватор и КЦ Јадро уште еднаш ја потврдуваат својата улога во поддршката на независната музичка сцена и културната самостојност. Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни