Најпрво, би ве поканиле да ја ѕирнете изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“. Оваа изложба, која ја обединивме со слоганот „културата како јавно добро“ е достапна да се погледне во првата недела од месецот.
Овој октомври, со неколку изведби, ни гостува монодрамата „Сите најубави нешта” со Игор Ангелов.
Две изложби ќе ги красат ѕидовите на Јадро месецов, првата е инклузивна изложба „Избери уметност“, а втората „Гравитација во пауза“, првата самостојна изложба на фотографии на Жарко Чулиќ.
Книжевноста ќе заземе завидно место во овомесечната програма, прво со промоција на списанието „ШОК“, дело на Дума ин Сума и нивните работилници за креативно/ книжевно изразување.
Вториот исклучително значаен книжевен настан ќе ѝ овозможи на нашата публика да разговара со Карен Јес, авторката на монодрамата „Мачката Елеонора“, во издание на „ИЛИКА“. Интересно е да се напомене дека монодрамата имаше изведба и во Скопје, а пробите се одржуваа низ цела година токму во Центар-Јадро.
Месецов ја продолжуваме и серијата разговори „Во дијалог: македонски визуелни уметници“. Наши гости се уметничкото дуо ОПА и Дарко Алексовски.