ОКТА АД Скопје објави нов повик за доделување стипендии за постдипломски студии за академската 2026/2027 година, продолжувајќи ја програмата што ја спроведува осма година по ред. Компанијата годинава најавува проширен опфат на академски области за аплицирање, како и нова можност за делумно покривање на трошоците за живот, според однапред утврдени критериуми.
Во рамки на програмата ќе бидат доделени две стипендии за редовни постдипломски студии со максимално времетраење од две години. Едната е наменета за студии во странство, со можност за аплицирање на универзитети во Европа, Северна Америка и Австралија, додека другата се однесува на студии во Северна Македонија.
Од компанијата велат дека преку оваа иницијатива сакаат да ја поддржат новата генерација млади професионалци и да придонесат за развој на знаење, иновации и академска извонредност. Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакнува дека образованието е една од најзначајните инвестиции во иднината, не само за поединците, туку и за општеството и економијата во целина.
Оваа година, право на аплицирање имаат кандидати од четири пошироки академски области: инженерство и енергетика, дигитална трансформација, животна средина и економија и менаџмент. Во нив влегуваат теми како обновливи извори на енергија, алтернативни технологии, анализа на податоци и вештачка интелигенција, сајбер безбедност, климатски промени, одржлив развој, енергетска економија, маркетинг, односи со јавноста, правни студии и управување со човечки ресурси. Кандидатите можат да аплицираат само за една од овие области.
Апликациите се поднесуваат исклучиво онлајн преку платформата на HELLENiQ ENERGY, каде се достапни сите информации и критериуми за програмата. Крајниот рок за пријавување е 18 мај 2026 година.
Програмата за стипендии е дел од стратегијата на ОКТА за корпоративна одговорност, во која образованието е еден од клучните приоритети. Според податоците од компанијата, во периодот од 2017 до 2025 година биле доделени вкупно 44 стипендии за постдипломски студии, од кои 43 национални и една меѓународна.