Оксфам алармира: Богатството на милијардерите од Г20 скокна на 15,6 билиони долари

Богатството на милијардерите во земјите-членки на Г20 пораснало за неверојатни 16,5% во последната година, достигнувајќи вкупно 15,6 билиони долари, соопшти меѓународната организација Оксфам. Според нивните пресметки, само во изминатата година, најбогатите заработиле 2,2 билиони долари – износ кој би бил доволен да се извлечат 3,8 милијарди луѓе од сиромаштија, доколку глобално се инвестираат 1,65 билиони долари годишно.

Податоците се објавени непосредно пред самитот на Г20 во Јужноафриканската Република, кој започнува на 22 ноември, а каде што домаќинот ја постави нееднаквоста како централна тема. Владата на ЈАР ангажираше група водечки економисти предводени од нобеловецот Џозеф Стиглиц, кои треба да подготват анализа и препораки за справување со растечките социо-економски разлики.

Нееднаквоста е политички избор, а не историска неминовност,“ изјави извршниот директор на Oxfam International, Амитаб Бехар, нагласувајќи дека додека приватното богатство експлодира, јавните финансии во многу држави стагнираат или дури опаѓаат. Според него, создавање Меѓународен панел за нееднаквост од страна на Г20 би било „огромен чекор“ во надминувањето на глобалната социјална криза.

Оксфам апелира земјите на Г20 да ја обноват својата обврска кон ефективно оданочување на супербогатите, нешто што лидерите го ветија на самитот во Рио де Жанеиро во 2024 година. И покрај тоа, од организацијата потсетуваат на еден алармантен податок: само осум центи од секој собран даночен долар во Г20 земјите потекнува од најбогатите слоеви, што покажува дека реалната даночна тежина и понатаму паѓа на сметка на средната класа и обичните граѓани.

Со растечка задолженост на државите и рекордна концентрација на приватно богатство, пред самитот во ЈАР останува отворено прашањето: дали Г20 конечно ќе преземе системски мерки, или уште еднаш ќе се задоволи со декларативни заложби?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни