Голем број на Титови почитувачи, ретки преживеани членови на Сојузот на здруженијата на борци од народноослободителната борба (СУБНОР), како и членови на здруженија кои го чуваат сеќавањето на НОБ и на Тито, се собраа со венци, цвеќе и со знамиња на поранешна СФРЈ и Сојузот на комунисти на Југославија, оддавајќи почит во Куќата на цвеќето.
Десетици автобуси пристигнуваа во текот на претпладнето на паркингот пред Музејот на историјата на Југославија во Дедиње, во чии рамки се наоѓа и комплексот Куќа на цвеќето – Титов маузолеј и неговото последно почивалиште.
Почитувачите носат југословенски знамиња и капи
Титови почитувачи носат југословенски знамиња со петокрака, капи „титовки“, значки со неговиот лик и одликувања од поранешна СФРЈ.
Иако постојат бројни контроверзии и спорови меѓу историчарите и современиците за улогата на Тито во поранешната епоха, особено во врска со поранежните страдања на припадници на поразените сили и политички противници, современата историја го смета за еден од најистакнатите лидери и државници на тоа време. Илјадници луѓе од поранешна СФРЈ го посетуваат Меморијалниот центар Јосип Броз Тито и Куќата на цвеќето секоја година на денот на неговата смрт, 4 мај, како и на 25 мај, кога во поранешна Југославија се славеше неговиот роденден со голем собир на тогашниот Стадион ЈНА.
Според официјалните податоци од Музејот, во текот на овие два дена се собираат и повеќе од 5.000 луѓе. На погребот на Тито во Белград на 8 мај 1980 година присуствуваа повеќе од 200 високи претставници – шефови на држави и влади, како и високи делегации од 127 земји од светот.
Од 1980 година, Куќата на цвеќето ја посетиле повеќе од 17 милиони луѓе, а најмногу туристи во текот на годината доаѓаат од Западна Европа, Америка, како и сè повеќе од Азија – Кина, Јапонија и Јужна Кореја.