Пожарот избувнал околу 19 часот, на кровот од една од трите меѓусебно поврзани згради во нова станбена населба. Целиот кров е изгорен, а огнот се проширил на становите на четвртиот кат. Поради чад и вода, оштетени се и делови од становите на пониските катови.
„Огнот го гасеа 60 екипи со околу 250 пожарникари. До полноќ пожарот беше локализиран, а до утрото се проверени сите станови. Тројца граѓани се здобиле со лесни повреди, а еден пожарникар со истегнување на зглоб“, изјави главниот командант на Државната противпожарна служба, Војчех Кручек.
Причината се истражува, граѓаните апелирани да не шират дезинформации
Полицијата и обвинителството повеле истрага, а од Министерството за внатрешни работи апелираат до јавноста да се воздржи од шпекулации за причините на пожарот и да не шири лажни вести на социјалните мрежи.
Експертите потсетуваат дека во Полска во последната година и пол имаше серија пожари, некои од нив докажано подметнати, а во одредени случаи се истражува вмешаност на руски хибридни служби. Сепак, во овој случај е малку веројатно дека станува збор за подметнување.
Високите температури – дел од причината?
Според првичните проценки, брзото ширење на пожарот било овозможено од високите температури и отсуството на дождови, како и од дрвените делови во конструкцијата на покривот.
Враќањето во становите – неизвесно
Жителите нема да можат да се вратат во своите домови додека не се изврши темелна проценка на статиката на зградата и обемот на штетите, изјави регионалниот претседател на Мазовјецкото војводство, Мариуш Франковски.
Во меѓувреме, евакуираните се сместени во локално училиште, а властите најавија почетна парична помош од околу 1.900 евра, со можност за дополнителна поддршка откако ќе се заврши проценката.