Околу 20.000 луѓе евакуирани од Келн поради бомби од Втората светска војна

Во германскиот град Келн денеска беа евакуирани околу 20.000 луѓе, откако беа пронајдени три неексплодирани бомби фрлени од сојузничките сили за време на Втората светска војна, соопштија локалните власти.

Ова е најголемата евакуација во Келн од завршувањето на војната, при што граѓаните беа приморани да ги напуштат своите домови и деловни простории, додека се евакуираа хотели, болници и домови за стари лица.

Затворени се три моста преку Рајна, а железничкиот сообраќај е прекинат или пренасочен. Затворени се и училишта, градинки, музеи и зградата на Градската филхармонија, пренесува The Guardian.

Телевизиската куќа RTL мораше да ги премести своите програми во студија во Берлин, бидејќи нејзината зграда се наоѓа во зоната за евакуација од 1.000 метри.

Во среда наутро, полицијата и волонтери ќе тропаат на вратите и проверуваат поштенски сандачиња за да соберат информации пред да започнат обидите за деактивирање на бомбите.

Се работи за бомби произведени во САД – две тежат по 20 тони, а една 10 тони. Откриени се во понеделникот, на десниот брег од Рајна, во близина на бродоградилиштето Dojc, при градежни работи. Сите три бомби имаат ударни запалки дизајнирани да експлодираат при контакт со тврда површина.

Градските власти најавија дека спортски сали, шатори и цркви надвор од евакуираното подрачје ќе бидат отворени за да обезбедат храна, освежување и поддршка за населението.

И по 80 години од крајот на Втората светска војна, вакви откритија не се невообичаени во Келн – еден од најтешко бомбардираните градови во Германија, погоден во 262 воздушни напади од страна на RAF, често користејќи и американски бомби. Во тие напади загинале околу 20.000 луѓе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни