Станува збор за термин што сè почесто се користи за да опише содржина на социјалните мрежи создадена со единствена цел да поттикне бес, фрустрација или огорченост кај јавноста.
Во објаснувањето на Оксфорд се наведува дека „rage bait“ се однесува на онлајн објави кои намерно провоцираат силни негативни реакции со цел да генерираат огромен број прегледи, коментари и споделувања. „Лицата што го создаваат овој тип содржина често профитираат од милиони интеракции дури и ако тие реакции се негативни“, објаснила лексикографката Сузи Дент за BBC.
Алгоритмите на социјалните мрежи, според објаснувањата на експертите, ја фаворизираат токму оваа динамика. „Иако сакаме слатки видеа со мачки, повеќе време и енергија трошиме на содржина што нè провоцира“, пренесува NBC News.
„Rage bait“ победи во изборот пред уште два термина кои се најдоа во потесниот круг „aura farming“ и „biohack“. Првиот се однесува на суптилно градење на јавен имиџ за да се создаде впечаток на самодоверба или мистичност, додека вториот опишува техники за оптимизирање на физичките и менталните способности.
Оксфорд го избира својот „збор на годината“ од 2004 година, анализирајќи трендови, нови зборови и промени во јазичната употреба што имаат културна тежина. Меѓу претходните победници се „podcast“ (2005), „emoji“ (2015) и „goblin mode“ (2022).
Изборот на „rage bait“ ја одразува реалноста на денешниот дигитален екосистем, каде онлајн провокациите брзо се претвораат во алатка за влијание, профит и видливост.
Извор: N1info.rs
