Турскиот ансамбл „Реј“ вчеравечер приреди прекрасно музичко доживување за публиката на фестивалот „Охридско лето“ . Оперските уметници со раскошни гласовни потенцијали, мецосопранот Ирем Бурша Бајир, сопранот Шениз Ердинч, баритонот Артур Багдасароглу и тенорот Берк Озбек придружувани од пијанистот Алпер Акгул зрачеа со топла сензибилна експресија која совршено се вклопи во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“.
Богатата концертна програма насловена „Од Кавказ до Балкан“, на изненадување на љубителите на музиката, започна и заврши со извонредна изведба на композицијата „Македонско девојче“, а покрај неа, турските уметници ја отпеаја и познатата „Јовано Јованке“, како и композиции од поширокиот регион.
-Многу сме среќни што сме поканети со нашиот ансамбл од Истанбул. Имавме одлична публика и одличен концерт. Ова е добра прилика за нашиот ансамбл да ја презентира турската музика и музиката од целиот регион бидејќи концептот на концертот е „Од Кавказ до Балкан“. Имаше разновидност од песни од целиот регион, вклучувајќи и македонски композиции. Музиката претставува мост на поврзување на културите и затоа сме почестени сме што сме дел од фестивалот „Охридско лето“, изјави Атила Туна од здружението „Истанбулска филхармонија“.
Репертоарот на Ансамблот „Реј“ на специфичен начин ги комбинира богатството и универзалниот јазик на класичната музика со длабочината и уникатноста на турската музичка култура. Ансамблот изведува дела од Моцарт, Бетовен, Шуберт, како и дела од бројни турски композитори. Нивната основна идеја е дека музиката обединува, поради што како култури двигатели имаат значајно место во културната и уметничката сцена во Истанбул. Преку интензивната музичка естетика, ансамблот има цел да ја доближи музиката до пошироката публика.