„Охридско лето“ ја зацврстува културната традиција со нови концерти и проширена сезонска програма

Фестивалот најавува два специјални концерти до крајот на годината како дел од нивнат проширена програма.

Националната установа „Охридско лето“ најави два нови концерти со кои ќе ја заокружи годината и ќе ја продолжи традицијата на уметнички програми надвор од летната сезона. На 29 ноември во Македонската филхармонија ќе се одржи свечен концерт под светлината на свеќи, на кој ќе настапат Камерниот оркестар „Профундис“ и виолончелистот Петар Пејчиќ, под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ. Вториот концерт е закажан за 20 декември во Центарот за култура во Охрид, со настап на меѓународно признатите уметници – тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис и пијанистот Франческо Барбаџела.

На денешната прес-конференција директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, нагласи дека овие настани се дел од визијата фестивалот да продолжи да живее преку целата година. Тој подвлече дека јубилејното 65-то издание било едно од најуспешните во последната деценија – со повеќе од 36 концерти, претстави и настани што донесоа уметници од целиот свет. „Охридско лето“ останува културен бренд што ги поврзува традицијата, врвната уметност и верната публика.

Цуцковски потврди дека годинава е официјализирано и четиригодишното партнерство со А1 Македонија, кое ќе овозможи стабилност, проширување на програмата и реализирање нови активности. Партнерството, како што истакна главниот извршен директор на компанијата, Методија Мирчев, ја одразува корпоративната стратегија за поддршка на културниот развој и пристапноста на уметноста до пошироката заедница. Мирчев додаде дека успешната фестивалска година, исполнета со свежина и силен уметнички импулс, го потврдува значењето од долгорочна поддршка на ваквите институции.

Фестивалот „Охридско лето“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и се одржува под покровителство на претседателот на државата. Поддршката од амбасадите, Општина Охрид и бројни приватни спонзори создава силен систем што овозможува континуитет на програмата и дополнително проширување на културните случувања.

Во знак на благодарност за поддршката, директорот Цуцковски на прес-конференцијата му врачи благодарница на главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, истакнувајќи дека заедничката мисија продолжува со уште повеќе енергија, нови програми и цел да се одржува уметноста жива – не само во лето, туку низ целата година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни