„Охридско лето“ денеска одбележува  64 години со концерт на салса оркестарот „Меркадонегро“ 

Со салса оркестарот „Мерканонегро“ , „Охридско лето“ вечерва ќе одбележи 64 години успешно постоење.

На денешната прес-конференција по повод роденденскиот концерт, директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ  истакна дека „Охридско лето“ е уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметничките креации од целиот свет, а на фестивалската сцена, како што потсети, секоја година се обединуваат различните култури оставајќи неизбришлива трага за идните генерации.

-Огромна е благодарноста до сите оние кои со својот настап го воздигнале фестивалот, славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители на уметноста, но и до сите оние кои неуморно работеле и ја граделе успешната приказна на „Охридско лето“. „Охридско лето“ е врвна културна сцена. Место каде музиката и театарот ја надополнуваат богатата  традиција.Фестивалската програма и на ова, 64-то „Охридско лето“ предизвикува воодушевување кај љубителите на врвната уметност а тоа е доказ дека сме доследни на заложбите да ја градиме и надополнуваме магијата која извира од оваа сцена.Денеска ги славиме годините испишани со богата историја, со славни имиња од светската музичка и театарска елита, рече директорката Поповиќ, изразувајќи благодарност до сите кои се втемелиле во успешната приказна наречена „Охридско лето“.

Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска годинешното фестивалско издание  ќе биде испишано како едно од најуспешните токму со настапот на  реномираните странски, но и домашни уметници.

-Досега имавме 20 дена исполнети со прекрасни концерти, многу музика, аплаузи и овации за нашите уметници кои учествуваа на фестивалот. Освен странските уметници кои беа многубројни на фестивалот и донесоа огромен квалитет на нашите сцени, во оваа прилика се заблагодарувам и на нашите домашни уметници се  кои рамо до рамо со сите странски уметници кои доаѓаат на фестивалот. До крајот на фестивалот нè очекуваат интернационални вечери, но и вечери со домашни изведувачи со што ќе заокружиме уште едно успешно фестивалско издание, рече Чадловска.

Според селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска, до роденденскиот датум на „Охридско лето“ се реализираа две третини од драмската програма.

-Имавме три театарски премиери на ова фестивалско издание. Поминаа две третини од театарската програма, ја видовме „Имакулата“ во режија на Ливија Пандур а во продукција на СНГ Драма Марибор, ја имавме „Галеб“ на Битолскиот народен театар, ја имавме „Крал Лир“  на Lit Moon Theatre Company од Санта Барбара во режија на Џон Блондел и пред некој ден,  ја имавме и извонредната премиера на  претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на  Велешниот театар. Го имавме и Никола Ѓуричко со неговиот стен-ап кој и тоа како има неверојатна врска со театарот односно претставуваше една мононографија на неговите театарски искуства во Југословенското драмско позориште, рече Арсовска, најавувајќи дека до крајот на ова фестивалско издание остануваат уште две театарски претстави, „Лет над кукавичкото гнездо“  со Драмски театар Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенскиот драмски театар од Белград која на 20 август ќе ја спушти и завесата на ова фестивалско издание. 

Салса оркестарот „Меркадонегро“  е оформен од страна на Армандо Миранда. Неговите членови доаѓаат од различни делови на Латинска Америка и секој од нив носи  сопствени традиционални  специфики.

-Како водач на бендот, среќен сум што сум што сум првпат во Македонија и што првпат настапуваме на „Охридско лето“. Многу сме возбудени од нашиот настап бидејќи го подготвивме специјално за фестивалската публика.  Ќе направиме едно патување низ Латинска Америка токму преку музиката.  Сакаме  целата публиката да биде дел од нашето музичко патување и да им ги покажеме нашите музички корени, истакна Миранда на денешната прес-конфренција.

Роденденскиот концерт на „Охридско лето“ со салса оркестарот „Меркадонегро“ ќе се одржи на Долни Сарај со почеток во 21 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни