Здружението на граѓани „Охрид СОС“ соопшти дека извештајот за состојбата со заштитата на Охридскиот Регион, кој Министерството за култура и туризам го доставило до УНЕСКО кон крајот на јануари, според нивната оценка не ја отсликува целосно фактичката состојба на терен.
Реакцијата следува по препораката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која се бара привремена забрана на градежните активности во близина на Блатото и комплексот „Горица 3“, сè до изготвување на стратегиска оцена и процени за влијанието врз природното и културното наследство.
Од „Охрид СОС“ наведуваат дека во извештајот како аргумент се посочува дека урбанистичкото планирање за „Горица 3“ датира од 2007 година, а одобрението за градба е издадено во 2012 година, односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020–2029). Според нив, Планот за управување предвидува усогласување на претходно донесените урбанистички акти со неговите одредби, а посочуваат и на одлука на Уставниот суд со која се утврдува таква обврска. Тие дополнуваат дека градежните активности за комплексот започнале во 2024 година.
Здружението информира дека во изминатите години повеќепати укажувало на потребата од поцелосна примена на препораките на УНЕСКО, како и на спроведување на мерките од Стратегискиот план за рехабилитација. Во реакцијата се наведува дека, според нивните информации, одредени препораки не се целосно реализирани или нивната имплементација се одвива во ограничен обем.
Во соопштението се осврнуваат и на формирањето на Централизиран кризен координативен штаб за спроведување на Стратегискиот план, кој според владините информации започнал со работа во јануари 2026 година. Од „Охрид СОС“ бараат целосна транспарентност во процесот и усогласување на сите урбанистички и градежни активности со Планот за управување.
Од Владата претходно соопштија дека во Париз бил презентиран извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките и дека државата останува посветена на заштитата на Охридскиот Регион и на соработката со Република Албанија со цел долгорочна и одржлива заштита на светското наследство.