„Со овој потег, Охрид губи уште еден автентичен белег на својата историја. Оваа зграда не е само училиште – таа е дел од архитектонската меморија на градот“, предупредуваат од Охрид СОС.
Проектирана како функционален и естетски усогласен објект, училиштето се истакнува со својот иновативен дизајн: училниците поставени на јужната страна добиваат доволно природна светлина, а специфичното ротирање на кубичните модули создава динамична и ненаметлива структура во просторот. Ова архитектонско решение, кое овозможува интеграција со природната и урбаната средина, сведочи за квалитетот на модернистичкото планирање од средината на XX век.
Охрид СОС апелира објектот да се стави на листата на заштитено културно наследство наместо да се уништи, особено имајќи предвид дека Охрид веќе загуби многу значајни градби од овој период. Со потенцијалното уривање, ќе бидат загрозени и останатите историски објекти во непосредна близина, вклучително и старата градска куќа и поранешната Маларична амбуланта.
„Ако дозволиме рушење на ова училиште, не губиме само зграда – губиме дел од нашата културна меморија“, велат активистите, повикувајќи на итна реакција од надлежните институции.