Охрид СОС бара заштитни зони за Билјанините извори за да се спречи нивна урбанизација  и загрозување

Иницијативата на Охрид СОС до две министерства открива дека законската обврска за заштита на изворите кои го снабдуваат градот со вода за пиење со децении останува неисполнета.
фото: meta.mk

Граѓанската иницијатива Охрид СОС денес поднесе формално барање до Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство за воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанините извори (Беј бунар) во Охрид. Иницијативата укажува дека просторот околу изворите забрзано се урбанизира, а законската обврска за нивна заштита предвидена со Законот за водите не е исполнета со децении.

Законот налага заштита, државата со децении не реагира

Согласно членовите 98 и 99 од Законот за водите, за водни тела наменети за снабдување со вода за пиење задолжително се утврдуваат потесна санитарна зона и пошироки заштитни зони. Иако Билјанините извори со децении го снабдуваат Охрид со вода за пиење, оваа законска обврска до денес не е исполнета, наведува Охрид СОС во иницијативата.

Урбанизацијата го загрозува водоснабдувањето и еко-системите

Просторот околу изворите во последните години забрзано се урбанизира и е изложен на засилен антропоген притисок, наведуваат подносителите. Тоа создава реален ризик по квалитетот и безбедноста на водата, но и по интегритетот на поврзаните екосистеми. Изворите се наоѓаат во непосредна близина на заштитени и еколошки вредни подрачја: Студенчишкото Блато, Мазија и Охридското Езеро.

Охрид СОС бара хидрогеолошка студија и вклучување на општини

Охрид СОС од Министерството за животна средина бара да започне управна постапка, да иницира изработка на хидрогеолошка и санитарна студија, да ја вклучи Општина Охрид во постапката и по обезбедување на мислењата да достави предлог до Владата за формално утврдување на зоните. Од Министерството за здравство се бара стручно мислење за потребата од заштита на јавното здравје со утврдување на режими за сите три зони.

Министерствата имаат 30 дена за одговор

Согласно Законот за општата управна постапка, надлежните министерства се должни да постапат по иницијативата најдоцна во рок од 30 дена од приемот, со донесување соодветен акт или известување за преземените дејствија, потенцира Охрид СОС.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни