Најмасовниот летен музички фестивал во Охрид е подготвен за петдневно лудило од музика, ритам исполнување на музички желби и очекувања од светот на електронската музика.
Додека сонцето заоѓа над античкиот град Охрид, „Ohrid Calling“ ќе оживее во експлозија на ритам, мелодии и креативност почнувајќи од денес 31 јули се до до 4 август на добро познатата локација, Касарна,Охрид. Пет наелектризирани денови, музичките ентузијасти од целиот регион и пошироко ќе се соберат да уживаат во магијата на електронската музика и да го прослават единството меѓу различностите. Со својата седма година, фестивалот продолжува да биде светилник на уметничкиот израз, негувајќи врски што ги надминуваат границите, оставајќи неизбришлива трага во срцата на присутните во годините што доаѓаат.
Околу инспирацијата за овој фестивал, неговото значење за заедницата и идеологијата која ја брани, поразговаравме со Миа Милошеска од Авалон продукција, кој се организатори на фестивалот.
Трн: Која беше инспирацијата за создавање на овој фестивал? Можете ли да ја споделите приказната како се роди идејата?
Миа: Приказната за Авалон и Охрид датира од далечната 2008ма година, со еден од најголемите и социолошки најважните концерти кои некогаш се оддржале во Македонија – концертот на Lenny Kravitz на Стадион Билјанини Извори. Брендот Охрид Колинг се раѓа во 2016та година со желба градот Охрид да остане и опстане во вид на музичка и културна светска атракција и да им понуди на младите одредена можност за бегство од кичот и турбофолкот кои владеат овие неколку месеци во градот.
7 години подоцна, борбата уште трае.
Трн: Како би ја опишале главната визија и цели на фестивалот? Што сакате да постигнете со овој настан?
Миа: Важен аспект од фестивалот се инклузивноста, дружбата, еднаквоста и слободата – фестивалот има пораснато веќе 3 генерации на млади луѓе и во тие неколку дена во август, во Касарна не постојат никакви граници и поделби – доминира само желбата за дружба и забава, а во воздухот се чувствува некоја одредена слобода, па поради тоа овогодинешното мото на фестивалот е ‘The Sky is Our Limit”. Оваа идеологија е успешно интегрирана како во реализација и концептот на фестивалот, така и во целокупното искуство кое го приредуваме на посетителите.
Целта на овој фестивал пак, како и на целокупната работа на Авалон Продукција овие 30 години е да го донесе светот и Европа во Македонија преку едно од најмоќните средства за зближување – музиката. Со светска продукција и артисти кои се на врвот од DJ MAG 100 и на врвот од сите светски елекронски фестивали, Охрид Колинг е единствениот настан во Македонија кој на младите им приредува вистински фестивалски спектакл.
Трн: Колку публика очекувате? Како оди досега продажбата на билетите?
Миа: Оваа година не’ очекува рекордно издание на фестивалот; во Касарна oчекуваме публика од 50.000 луѓе низ сите 5 фестивалски дена! Покрај верната локална фестивалска публика, имаме системски податоци дека се купени влезници од сите страни на светот, што е доказ дека фестивалот има прераснато во сериозен фестивалски бренд, глобално.
Трн: Кој ќе го отвори, а кој ќе го затвори фестивалот?
Миа: Фестивалот го отвора Јоnas Blue, еден од најголемите хитмејкери на деценијата, чии хитови се имаат најдено на сите светски и домашни топ листи. Оваа година, фестивалот за прв пат се оддржува 5 дена, и истиот го затвора една од највлијателните електронски диџејки, Amelie Lens. Петтата вечер всушност претставува официјално closing party на фестивалот и спој на брендовите Ohrid Calling, под кој настапуваат покомерцијални артисти од жанровски аспект, и Deeper Underground, под кој настапуваат поавангардни електронски артисти.
Deeper Underground closing party е единствениот официјален настан при интернационалната музичка програма Telekom Electronic Beats ова лето во Македонија.
Трн:Вклучувањето на заедницата е од витално значење за успехот на секој фестивал. Како „Охрид колинг“ се ангажира со локалната заедница и какво влијание има фестивалот врз градот и неговите жители? Зошто токму Охрид?
Миа: За нас најголем показател е фактот што фестивалот има изградено своја локална фан база која е тука од самиот негов почеток, маса на луѓе кои своите годишни одмори ги планираат околу датумите на фестивалот. Лојалноста и довербата која ја имаме изградено со публиката за нас претставува најголем успех.
Во реализацијата на фестивалот голем удел има и локалната охридска заедница – секоја година ангажираме голем број на локални компании и хонорарци што генерира големи економски придобивки за локалната економија. Фестивалот привлекува масовен број на туристи секоја година, што покрај економските придобивки, ја зајакнува позицијата на градот Охрид и директно го позиционира меѓу главните европски музички метрополи.
Трн:Музичките фестивали често промовираат културна размена. Како „Охрид колинг“ негува врски и соработки меѓу уметници од различно потекло?
Миа: Програмата на фестивалот секоја година содржи артисти од сите страни од светот – Франција, Италија, Холандија, Јапонија, Кина, Албанија, Балканот и се разбира, Македонија. Покрај големиот дијапазон на артисти и мултикултурниот и мултинационалниот лајнап, се трудиме да постигнеме и родова еднаквост во индустрија и музички жанр во кој, за жал, жените се евидентно помалку застапени. Од таа причина, овогодинешниот Теlekom Electronic Beats – A Deeper Underground Closing party содржи исклучиво женска програма и ја слави женската уметност.
Трн:Дали имало некои извонредни моменти или изведби во историјата на фестивалот кои особено ви останале во сеќавање?
Миа: Нема да бидам сентиментална и да се навраќам многу наназад 😊 Ќе го одвојам последниот ден од Оhrid Calling 2022, на кој Timmy Trumpet и’ го честита Илинден на Македонија со ,,Слушам кај шумат шумите” и ,,Јовано Јованке”.