Огромни бонуси за експерти по вештачка интелигенција – технолошките гиганти трошат милијарди во трка за доминација

Во обид да обезбедат водечка улога во иднината на технологијата, големите технолошки компании како Meta, Google, Microsoft и Amazon трошат милијарди долари за да привлечат врвни стручњаци за вештачка интелигенција (AI).

Наместо да ги развиваат внатрешно, овие компании директно ги купуваат експертите – нудејќи астрономски бонуси, плати и водечки позиции.

Meta, на пример, преку новоформираната лабораторија Meta Superintelligence Labs, понудила бонуси за потпишување договор во вредност до 100 милиони долари, обидувајќи се да регрутира елитни инженери од компании како OpenAI, Apple и Scale AI. Извршниот директор на Meta, Марк Закерберг, лично учествува во преговорите.

Во исто време, Microsoft вложи над 13 милијарди долари во OpenAI, Amazon над 8 милијарди во Anthropic, а Google плати 2,4 милијарди долари за да го привлече тимот од стартапот Windsurf. Овие потези предизвикаа загриженост во стартап заедницата, бидејќи наместо да купуваат цели компании, технолошките гиганти сега “грабнуваат” само поединци и клучни тимови – оставајќи ги остатокот од стартапите на маргините.

Побарувачката ги надминува ресурсите

Побарувачката за искусни AI-инженери расте рапидно, додека бројот на квалификувани експерти останува ограничен. Според извештај на LinkedIn, вработувањето во секторот AI се зголемило за повеќе од 300% во последните осум години, а позицијата „инженер за вештачка интелигенција“ е меѓу најбрзо растечките во над 15 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Сингапур.

Истовремено, компаниите отпуштаат илјадници вработени во традиционалните ИТ-сектори, бидејќи генеративната AI сè повеќе самостојно пишува код. Се очекува иднината на програмирањето да биде насочена кон дизајнирање на системи кои самите програмираат.

Трката за доминација или ризик за културата?

Новиот тренд – во кој се нудат милионски бонуси и плати – веќе има влијание на пазарот. Се создава инфлација на плати, а тимската работа и стартап културата страдаат поради фокусот на индивидуалци. Малите компании тешко ги задржуваат своите најдобри луѓе, дури и OpenAI мораше да ги зголеми платите за да ги задржи своите инженери.

Иднината на AI – скапа и неизвесна

И покрај ентузијазмот и огромните вложувања, останува нејасно каде води целата оваа AI-револуција. Две и пол години по појавата на ChatGPT, светот сè уште бара одговор на прашањето: Каква ќе биде улогата на вештачката интелигенција во нашето секојдневие?

Доколку компаниите не научат ефикасно да ги применат новите AI-технологии, дури и милијарди долари може да бидат залудно потрошени.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни