Огромен тајфун се приближува до Виетнам – се планира евакуација на 250.000 луѓе

Тајфунот Буалој се приближува кон централниот дел на Виетнам со ветрови над 130 км/ч. Над 250.000 луѓе ќе бидат евакуирани, затворени се аеродроми, мобилизирана е армијата. Виетнам подготвен за удар од природна катастрофа.

Виетнам се подготвува за силен тајфун по име Буалој, кој се очекува да го погоди централниот дел на земјата – регион познат по производството на челик. Властите најавија евакуација на повеќе од 250.000 луѓе, бидејќи тајфунот се движи со ветрови посилни од 130 км/ч.

Според метеоролошкиот завод, тајфунот ќе го погоди копното денеска околу 19:00 часот по локално време, додека моментално сè уште се наоѓа над морето.

Најголемиот град во централниот дел на земјата, Да Нанг, планира да евакуира над 210.000 луѓе, додека од Хуе ќе бидат евакуирани околу 32.000, а од Ха Тинх15.000 граѓани.

Во пресрет на ударот, мобилизирани се 117.000 војници, затворени се четири национални аеродроми, и сите рибарски бродови се повикани назад во пристаништата.

„Ова е брзодвижечка бура со исклучително силен интензитет, која може да предизвика силни ветрови, обилни врнежи, поплави, лизгање на земјиште и приливни бранови,“ предупреди Мај Ван Кијем, директор на метеоролошкиот завод.

Според Министерството за земјоделство, над 100 лица загинале или се водат како исчезнати во првите седум месеци од 2025 поради природни катастрофи. Материјалната штета се проценува на 21 милион долари.

Минатата година, тајфунот Јаги го погоди северот на Виетнам, предизвикувајќи штети од 3,3 милијарди долари и одземајќи стотици животи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни