Огнот го проголта„Вјесник“: Паѓаат делови од фасадата, пожарникарите влегоа во зградата – „Штетата е голема“

Облакодерот на „Вјесник“ на Славонска авенија и утринава е целосно зафатен од пожар, кој избувна синоќа малку пред полноќ.

Делови од фасадата продолжуваат да паѓаат, а со огнената стихија цела ноќ се борат загрепските пожарникари. Проценките се дека гаснењето ќе трае цел ден. На терен се 93 пожарникари со 30 возила.

Во моментот на појавата на пожарот, според досегашните информации, во зградата не се наоѓал никој. Пожарот избувнал и брзо се проширил на повеќе катови, а огнот напредувал и преку конструкциските отвори и вентилациските системи.

Заповедникот на Јавната противпожарна бригада на Загреб, Синиша Јембрих, изјави дека пожарот се шири непредвидливо, што ја отежнува интервенцијата: „Штетата е голема. Иако поголемиот дел од зградата беше напуштен, внатре има простории полни со опрема и документи. Гаснењето ќе потрае, но се надеваме дека во текот на денот ќе го ставиме пожарот под контрола.“

Поради опасност од паѓање стакло и делови од фасадата, дел од пожарникарите биле повлечени од внатрешниот дел, но утрово успеале повторно да влезат во самиот објект. На терен се слуша пукање, паѓаат изгорени делови од изолацијата, а пожарникарските екипи ги гасат жариштата и на околните згради. Помага и дождот што паѓаше во текот на ноќта.

На местото на настанот пристигна и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, кој изјави дека „штетата е тотална“ и дека пожарот постојано се разгорува. За министерот Бранко Бачиќ, кој исто така бил на терен, причините за пожарот засега остануваат непознати.

Пожарот и понатаму е активен, со бројни жаришта што отежнуваат контрола. Пожарникарите продолжуваат со интервенцијата од повеќе страни, а според последните информации, нема опасност од целосно уривање на објектот.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни