Трн: Огнен, честитки за соборувањето на најстариот македонски рекорд во атлетика! Како се чувствувавте во моментот кога ја совладавте висината од 4,05 метри?
Огнен: Ви благодарам! Навистина ми значи. Првиот момент откако ја прескокнав висината беше момент на чиста радост. Знаев дека сум првиот македонец што прескокнал повеќе од 4 метри и не ми се веруваше дека успеав да ја достигнам оваа висина за само неполни две години тренинг.
Трн: Овој рекорд датираше уште од 1968 година – дали бевте свесен за неговото значење пред натпреварот во Марибор?
Огнен: Откако се префрлив да тренирам за десетобој од претходниот трнинг за спринтерските дисциплини, знаев дека овој рекорд е на дофат и ми беше една од главните цели за оваа година. Претходниот рекорд со висина од 3.90м, во последните 57 години му припаѓаше на Владимир Карер. Интересно е тоа што јас бев свесен за овој рекорд долго време поради тоа што мојот дедо ми раскажувал за тоа како тренирал атлетика заедно со Карер во атлетскиот клуб Работнички додека самиот тренирал за фрлање копје во неговата младост.

Трн: Скокот со стап е една од најтехнички комплексните дисциплини во атлетиката. Како изгледа еден ваш тренинг за оваа дисциплина?
Огнен: Тренингот за скок со стап е специфичен, но не е толку различен од тренингот за останатите дисципллини. Бара фокус, посветеност, одллучност, и најмногу од се бара храброст. Тренингот за скок со стап има повеќе елементи но може да се сведе на тренинг за физичка спремност како на пример брзината во залетот и тренинг во кој се дава акцент на различните технички делови од скокот.
Трн: Освен скокот со стап, вие се натпреварувате и во десетобој. Како успевате да ги балансирате сите дисциплини и да напредувате во секоја од нив?
Огнен: Десетобојот е мојот главен фокус, и мојата главна дициплина. (Десетобој: 100м, скок во далечина, фрлање ѓуле, скок во височина, 400м, 110м со пречки, фрлање диск, скок со стап, фрлање копје, 1500м) Нема еден шаблон по кој тренира секој десетобоец па така секој работи по тренинг план што ќе му овозможи да ги истакне неговите јаки страни а сепак посветувајќи време и работа на послабите. Заедно со мојот тренер гледаме да ги покриеме во тренинг сите дисциплини во текот на неделата и тоа некогаш значи по два тренинзи на ден кои можат да траат од 2-4 часа. Напредокот во секоја од дисциплините така и во десетобојот би рекол дека е неизбежен со напорна работа и конзистентен тренинг.

Трн: Во што најмногу се подобривте во последната година? Дали има нешто што свесно го променивте во пристапот?
Огнен: Оваа година најмногу напредок видов во мојата трка на 110м со пречки, како и во фрлањето ѓуле и секако скок со стап. Би рекол дека нема нешто конкретно што сум сменил во мојот пристап кон овие дисциплини но, поради самата техничка природа на истите напредокот доаѓа со текот на посветеното време во совладувањето на специфичната техниката за секоја една од нив.
Трн: Дали сметате дека македонската атлетика добива доволно поддршка – како институционално, така и во јавноста?
Огнен: Македонската атлетика е спорт кој е сеуште во развој во нашата држава, и не е на ниво на кое се наоѓаат другите спортови како на примеер: фудбалот, ракометот и кошарката. Но мислам дека со доволна поддршка од срана на институциите и јавноста, како и ангажман на квалитетни тренери, атлетиката кај нас има голем потенцијал да стане спорт со кој Македонија ќе може да се гордее и да гледа свои натпреварувачи како сјајат на светските сцени.

Трн: Што е она што вам најмногу ви недостига во условите за тренинг во Македонија?
Огнен: Она што мислам дека најмногу ни недостига во Македонија, како би можела македонската атлетика да се развива и да се очекуваат врвни резултати, е атлетска сала со која ќе може атлетичарите да се посветат на своите дисциплини и во зимските месеци без разлика на временските услови. Тоа би овозможило и поголем број на натпревари кои што би се одржувале во зимската сезона како и поголема конкуренција и атракција за Македонија со можност да се одржуваат државни и меѓународни наптревари во сала нешто што до сега кај нас го немало.
Трн: Дали имате ментор или тренер кој особено ви помогнал во постигнувањето на овој успех?
Огнен: Секако, имам чест и привилегија да можам да работам со мојот тренер Феџа Камаси кој изобилува со искуства во тренирање на врвни спортисти, и го достигнал врвот на атлетските натпревари како олимпијади, светски и европски првенства со неговите атлетичари. Тука би ги спомнал, и би се заблагодарил и на моите родители и фамилија како заслужни за овој успех, нивната поддршка и бодрење е нешто без кое не би бил тука денес.

Трн: Кои се вашите следни натпревари и цели за оваа сезона?
Огнен: Главна цел за оваа сезона е европското У23 првенство што ќе се одржи во Берген, Норвешка од 17-20 јули. Кон тоа работам и се подготвувам заедно со мојот тим две години. Цел ми е гордо да ја претставувам мојата држава натпреварувајќи се рамо до рамо со најдобрите десетобојци од Европа давајќи го својот максимум. Европското првенство е одлична прилика да се нападне националниот рекорд во Десетобој.
Трн: Колку е реално да се надмине и границата од 4,10 или 4,20 метри во блиска иднина?
Огнен: Оваа граница е доста реална за мене, сега сум во период на брз напредок, после овој натпревар покажав дека имам предиспозиции и совладана техника за поголеми висини. Во консултација со мојот тренер, доста е реално и може да се очекува резултат од 4.50м во текот на следната сезона.
Трн: Сонувате ли за некое големо натпреварување – Европско, Светско, можеби Олимписки игри?
Огнен: Еден од моите најголеми сонови е да ја претствувам Македонија на Олимписките игри. Макеоднија никогаш немала атлетичар на Олимпијада кој би се натпреварувал во десетобој и тоа уште повеќе ме мотивира и води за овој сон да стане реалност.
Трн: Како изгледа еден „неатлетски“ ден во животот на Огнен Стефановски?
Огнен: Неатлетски ден за мене скоро секогаш е Недела. Тоа е ден за одмор и добар опоравок. Денот го поминувам во релаксирање, време поминато со најблиските, обавезно е да земам нешто благо, по можност некоја палачинка. И за мене многу важно е во Недела да отидам во црква и да поминам време заедно со мојот Создател и Спасител Господ Исус Христос, како и во заедништво со други верници.
Трн: Што би им порачале на младите спортисти во Македонија кои сакаат да се посветат на атлетиката?
Огнен: Да се тренира атлетиката како кралица на спортовите според мене е најдобрата одлука што може да ја направи еден млад спортист. Би им порачал да не се откажуваат, да продолжат посветено да тренираат и да сонуваат големи соништа, бидејќи соништата се остваруваат само на оние кои се доволно храбри да сонуваат.